Кривична за возачот чиј камион го предизвика пожарот кај Дојран
ДОЈРАН - Полицијата поднесе кривична пријава за предизвикување општа опасност против Р.М. (56) од селото Миравци, возач на камионот што го предизвика големиот пожар кај Нов Дојран минатата недела. Камионот- ладилник бил сопственост на фирмата „Транс-Балкан“ од Гевгелија. Според полицијата, во саботата на 30 август движејќи се кон Нов Дојран камионот се запалил, најверојатно, од неисправната инсталацијата, по што пламенот ја зафати и вегетацијата покрај патот, а потоа се прошири и кон Дојран. Пожарникарите кои учествуваа во неговото гаснење тогаш изјавија дека во камионот немало апарат за гаснење пожар. Во огнената стихија, кој цела ноќ меѓу саботата и неделата беснееше околу Нов и Стар Дојран, изгореа една куќа, помошни простории, поголема површина лозови и овошни насади и над 100 хектари нискостеблеста шума. (Е.П.)