ФИА ја шири истрагата за Сингапур
Под лупа можната помош од Пике, кој се удри, а од тоа корист имаше Алонсо
Светската автомобилистичка федерација ФИА истражува дополнителни прашања поврзани со победата на Фернандо Алонсо во трката во Сингапур минатата година. Двократниот светски шампион триумфира во таа трка што се возеше под рефлектори откако неговиот тогашен тимски колега Нелсон Пике се удри во 14. круг, што резултираше со излегување на безбедносното возило на патеката. Бразилската телевизија Глобо тврди дека добила информација оти од Пике, кој минатиот месец беше отпуштен од Рено, било побарано да направи инцидент. Весникот „Индипендент“ пишува дека „техничкиот шеф Пет Симондс и Фернандо Алонсо се меѓу водечките личности од Рено интервјуирани повеќе од еднаш од претставници на ФИА за време на гран-при викендот во Белгија.
„Интервјуа се спроведуваа во текот на целиот викенд во Спа Франкошамп, а ќе бидат разгледани и други прашања пред и по трката во Сингапур“, весникот цитира неименуван извор.
Пике помладиот жестоко го нападна Флавио Бријаторе по отказот, нарекувајќи го тимскиот шеф на Рено свој „егзекутор“.
„Во повеќе наврати, 15 минути пред квалификациите и трките, мојот менаџер и тимски шеф Бријаторе ми се закануваше, порачувајќи ми дека, ако не забележам добар резултат, тој има возач подготвен да го стави на мое место“, изјави синот на трикратниот светски шампион Нелсон Пике. |