„Троил и Кресида“ со помали димензии од очекуваното
Театарскиот мегапроект премиерно ќе се одржи во Скопје, па во Битола, но не на плоштадите како што беше најавено
Наместо целодневна претстава, долгонајавуваната „Троил и Кресида“ ќе трае само четири часа. Ќе биде скратена и во техничко-технолошка смисла, за потребите на амбиентот во Куршумли-ан во Скопје, каде што во вторник, на 28 јули во 21 часот, ќе се случи нејзината премиера. Два дена подоцна пак, на 30 јули, ќе се одржи во Битола на локалитетот Хераклеја.
Промените во врска со најавуваниот спектакл во продукција на Македонскиот народен театар, кој го подготвува српскиот режисер Љубиша Ристиќ, се од организациски и финансиски причини. Иако требаше, како што пред неколку месеци во самиот почеток на подготовките беше најавувана претставата, да се одржува на плоштадите во неколку града во Македонија, сепак тоа нема да се случи. Охридската премиера во рамките на „Охридско лето“, пак, која требаше да се одржи на 26 јули, е откажана поради финансиски причини.
Сепак, концептот на претставата, која е опишана како театарска фреска полна со театарски минијатури, останува ист. Се базира на истоименото дело од Шекспир и на „Илијада“ од Хомер. Таа е систем од различни театарски прикази, ќе биде поделена на четири дела, и ја обработува темата за европската војна што трае 3.000 години, од Тројанската војна до денес. Идејата е - како да се живее во градот, како тој да се изгради и потоа, како да се сруши. „Троил и Кресида“ се најавува како голем панаѓур, полн со симболи на античката традиција што обединува повеќе видови уметности - балет, куклен театар, опера, кабаре, живи слики, циркус... со богата сценографија, дизајн, објекти (Тројански коњ и други животни) и машини и стотина костими - сето тоа придружено со различни видови музика - класика, рок, џез...
Режисерот Љубиша Ристиќ на вчерашната прес-конференција најави дека ќе биде поделена на четири дела од кои првиот е оперски со епски пеења од Хомеровата „Илијада“, вториот „Кратка историја на Олимп“ и претставува комбинација на антички митови, рокенрол и модерен танц, во третиот дел е Шекспировата трагикомедија „Троил и Кресида“, а четвртиот и најкраток дел е „Црвен килим“ и враќање на „Илијадата“.
„Ова е време на тешка економска ситуација за театарот и за културата воопшто кога е таа последна на списокот. Но, со ентузијазмот на луѓето во екипата успеавме да врземе крај со крај, да ја доведеме до крај и оваа претстава да ја одржиме во живот“, вели Ристиќ.
Директорот на МНТ, Сашо Миленковски информираше дека спектаклот чини 32.000 евра и оти не е поскап од сите други сценски проекти од прва категорија, а нагласи и дека ќе гостуваат секаде каде што има интерес за неа, но во соработка со локалната самоуправа и бизнис-заедницата.
Во претставата ќе учествуваат над 80 актери од сите театри во Македонија, меѓу нив и Николина Кујача, Никола Ристановски, Јордан Симонов, Оливер Митковски, Борче Начев, Билјана Беличанец, Катина Иванова, Нино Леви... Драматурзи се Ивана Нелковска и Братислав Димитров. Сценографијата е на Валентин Светозарев, додека костимите на Мери Јован и Александра Митковска. Во музичката илустрација учествуваат повеќе музичари од Македонија.
Премиерата во Скопје е дел од 30. издание на „Скопско лето“ и од Програмата за одбележување на годишнината од скопскиот земјотрес. Двете изведби се бесплатни за посетителите и ќе се реализираат со поддршка на Град Скопје и општина Битола. (Т.И.) |