Концерт на гитаристот Џорџ Бенсон и филмска музика на „Охридско лето“
Бенсон ќе настапи во Античкиот театар. Во текот на својата долга кариера сними 60 албуми
Вечерва на „Охридско лето“, во Античкиот театар во 21 часот, концерт ќе одржи Џорџ Бенсон, еден од најпознатите џез и фанк гитаристи во светот. Бенсон е и композитор и пејач, а во последно време се прослави како автор на поп и аренби музика. На пошироката публика и е познат најмногу по хитовите: „Give Me the Night“, „Lady Love Me“, „This Masquerade“, „In Your Eyes“, „Inside Love (So Personal)“.
Својата кариера Џорџ Бенсон (1943), роден во Питсбург (Пенсилванија), ја почнува како блуз, па потоа и како џез-гитарист, соработувајќи понатаму во долгата кариера со великани како Лони Смит, Мајлс Дејвис, Квинси Џонс, Чет Еткинс. Бенсон ќе се заинтересира за џезот и потоа ќе биде под нивно силно влијание, откако ќе ги чуе свинг и џез гитаристот Чарли Кристијан, исто така виртуозот на гитара Вес Монтгомери и големиот саксофонист и композитор Чарли Паркер. За многу кусо време, обединувајќи го начинот и техниките на свирење на своите претходници, Бенсон ќе создаде свој, препознатлив стил. На само 21 година, значи во 1964, ќе го сними својот прв албум „The New Boss Guitar“, откако истата година заедно со џез-органистот Џек МекДаф ќе издадат заеднички албум. Бенсон, повеќекратен добитник на престижната награда Греми, во текот на својата кариера ќе сними 60 албуми, од кои многу се продадени во „златни“ и „платинести“ тиражи. Последниот албум од 2007 година е насловен „Live from Montreux“, но од оние во последно време, голема популарност наиде албумот „Givin’ It Up“ од 2006 година, кој го сними заедно со познатиот вокалист Ал Жеро.
В недела, во предворјето на „Св. Софија“ во 21 часот, концерт ќе одржи оркестарот „КФХ“ од Франција, кој ќе изведува филмска музика. Овој оркестар е формиран во 2006 година од страна на композиторот Амори Шаботи со цел да изведуваат музика за филм специјално компонирана за проекции во живо. Оркестарот е составен од пијано, гитара, бас-гитара, тапани, клавијатури, виолина, виола, виолончело и кларинет. Името на „КФХ“ оркестарот доаѓа од познатиот„Кулешов ефект“ (исто така познат како „К ефект“), демонстриран од рускиот филмаџија Лев Кулешов во 1918 година, кој го прикажал значењето и важноста на монтажата на филмовите. (Т.И.) |