Холандскиот филмски фестивал во Охрид завршува в недела
Сцена од „Симон“ на познатиот режисер Еди Терстал
Во рамките на Холандскиот филмски фестивал „Високи достигнувања од ниската земја“, вечерва во дворното место пред дирекцијата на „Охридско лето“ во Охрид во 21, 30 часот, ќе бидат прикажани долгометражниот филм „Сина птица“ и краткиот филм „Патување низ ноќта“.
„Сина птица“, во режија на повеќепати наградуваната Мијке де Јонг, е универзална приказна за едно 13 годишно девојче (Мерел) со кого другите ученици во училиштето редовно си поигруваат. Мерел е мултиталент, но не им кажува ништо на своите родители, а тие пак несвесни што навистина се случува со нивното дете и ја оставаат да отиде во погрешна насока.
Филмот доби многу награди дома, но иста така беше номиниран како холандски претставник за Оксар во 2006 година и селектиран за престижните филмски фестивали во Торонто, Монтреал, а добитник е на „Стаклена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал.
„Патување низ ноќта“ пак, е интересна приказна за човек кој патува со воз од Амстердам до Париз. Тој седи во купе со човек со кој започнува разговор и во меѓувреме сфаќа дека човекот е канибал кој има намера да го убие и изеде.
В недела е последниот ден од Холандскиот филмски фестивал „Високи достигнувања од ниската земја“, кога на истото место и во истото време ќе бидат прикажани долгометражниот филм „Симон“ и краткиот филм „Успех“.
„Симон“ е филм во режија на познатиот Еди Терстал. Сместена во живописниот Амстердам, оваа современа приказна е истовремено забавна и контемплативна. Филмот се бави со чувствителни теми како што се хомосексуалноста, сидата, дрогата, еутаназијата, но исто така и со пријателството и љубовта.
Краткиот филм „Успех“ претставува 8 минутна апсурдна трагикомедија за човек кој ќе постигне ��ичен успех на денот на својата смрт.
Филмската програма „Високи достигнувања од ниската земја“ е во организација на Промо центарот „Јавна соба“ од Скопје, а е поддржана од „Охридско лето“, Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, Министерството за култура, „Холанд филм“ и „Културал еид“. (Т.И.) |