Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Коментари
31.10.2011, 18:48

Мислења

Иста песна

Слободан Најдовски

Буџетот обезбедува само средства за плати, пензии и финансирање на некои основни и неизбежни работи

Светот се' повеќе му посветува внимание на економско финансиските кризи со кои се соочуваат одредени држави. Се анализираат причините, но и се бараат патиштата за надминување на состојбата со цел да се ��омине со помали потреси. Макроекономистите го согледуваат влијанието на различни фактори и предлагаат различни решенија. И покрај разликите за причините но и за излезните решенија, сепак, во една констатација се единствени. Никој од нив не се спротивставува на констатацијата дека погрешните политики на владите, со предимензионирани и ненаменски државни трошоци во даден период и мегаломанските желби за одржување на власт, без оглед на цената што треба да се плати, се една од главните причини за кризата со која се соочуваат државите. Отсуството на желба и подготвеност за навремена реакција која би одела во насока на рационалност во трошењето и ускладување на трошењето со реалните можности на економијата ги доведе одредени земји во ситуација на отежнато финансирање на државните потреби.

Редефинирањето на буџетите, кратењето, а посебно прашањето на намената на расходите и дефицитот ќе бидат главни прашања околу кои ќе се дискутира во иднина. Во рамките на Европската унија, пред се', во државите од еврозоната многу повеќе ќе се посветува внимание на дисциплинираноста во трошењето и ќе јакнат механизмите за контрола. Некои решенија за надминување на кризата во Грција веќе го потврдуваат тоа. Иако експлицитно не е кажано, но Европската унија, со начинот на контрола на мерките за надминување на проблемите со долговите, и' воведе на Грција една мека форма на борд од променлив состав, кој ќе игра важна улога во буџетската политика на Грција до 2020 година.

Македонија, иако за жал не е членка на Европската унија, нема обврска да се придржува на правилата што ги донесоа лидерите на членките на ЕУ, но поради тесната економска поврзаност има потреба да ја следи договорената политика која се однесува на буџетската политика.

На планот на буџетската дисциплина, Македонија до 2006 година можеше да се смета како земја која се однесува позитивно на подолг рок. Но, промените што настана во последните години веќе не' тераат да се стави прстот на главата и да се размисли добро во која насока ќе се движи нашата буџетска политика.

Деновиве се објавени податоците за состојбата во буџетот во изминатите девет месеци. Оваа година немаше ребаланс на буџетот, но со одлука за пренамена на средствата во буџетот беше изменета неговата првобитно изгласана структура. Резултатите од трите квартални периоди веќе ја даваат сликата која ќе ја одрази динамиката на приливот и трошењето пари во државната каса за тековната година.

Тенденцијата која беше присутна во првата половина на годината продолжила и во наредните три месеци. Mакедонскиот буџет има карактеристика на просто обезбедување средства за плати, пензии и финансирање само на некои основни, тековни и неизбежни работи. Какво било финансирање поврзано со развој на домашната економија е само мислена именка.

Ако трите квартали значат дека треба да има реализација околу три четвртини од планираните приходи и расходи, тоа не е случај со буџетот кај нас. Реализацијата на даночните приходи, кои се најголем извор на буџетот, покажуваат дека се под таа граница или малку над 70 %.

Податоците од првите девет месеци покажуваат дека се реализираат само планираните износи за плати, трансфери до фондовите и дефицитот, а се' друго е во втор план. Така, до крајот на септември платите и трансферите до фондовите се реализирани со процент од 75% во однос на планираните. Но, тие расходи, имајќи ја предвид нивната поединечна големина, која ја примаат граѓаните, освен преку евентуално зголемена лична потрошувачка, не влијаат многу на поттикнување на економскиот развој. Тоа повеќе се постигнува со зголемени и целосно наменски реализирани расходи за стоки и за капитални трошоци.

Состојбата во реализацијата на ставката стоки и износот потрошен за капитални трансфери покажуваат дека се заостанува во нивната реализација а со тоа се намалува функцијата на буџетот во правец на поттикнување на економијата. Така ставката за стоки и услуги има реализација од 60 проценти за три квартали, а капиталните трансфери се околу 63. Но, сликата е уште полоша ако се има предвид дека со одлука за пренамена на буџетските средства беа осакатени капиталните расходи, така што за капитални трошоци на деветмесечниот период отпаѓаат само 56 проценти од првично планираните при донесување на буџетот.

Под реализација на буџетот не треба да се подразбира само реализација на приходите, туку и реализација на расходите согласно со предвидувањата при донесување на буџетот. Ситуацијата кога само даночните обврзници се должни да ги исполнат планирањата, а надлежните за распределба на средствата не се однесуваат согласно со изгласаниот буџет, во најмала рака е несериозност и неодговорност.

Посебно е интересна реализацијата на буџетскиот дефицит. Предвиден да изнесува единаесет милијарди денари на годишно ниво, во првите девет месеци е реализиран над 80 проценти. Од се' предвидено само тоа што не треба, односно дефицитот, се реализира над нивото од три четвртини кое би било некое нормално однесување. Неговата реализација посебно беше експанзивна во првата половина на годината. И понатаму останува отворено прашањето за висината и за намената на дефицитот.

Наредните три месеци не треба да се очекува ништо посебно во поглед на реализацијата на годинешниов буџет, а не пак да се очекува некое изненадување, ниту кај приходите ниту, пак, кај расходите. И натаму ќе продолжи однесувањето и објаснувањата дека буџетот е под контрола, а фактички тој ќе служи само да се исплатуваат плати на администрацијата и трансфери до социјалните фондови. Ќе се пее истата песна која ќе биде само во функција на манипулација на даночните обврзници.

Затоа, ако не може да се промени нешто со тековниот буџет, непосредно пред да започне расправата за буџетот во 2012 година, неопходно е да се анализираат податоците за реализацијата, структурата и намената на буџетот во деветте месеци од годинава и да се извлечат поучни поуки. Потребно е уште сега да се отвори дебата во јавноста за фискалната политика, но не само со оние што кимаат со главите послушно на средбите и ја поддржуваат Владата.

(Авторот е поранешен пратеник)


Статијата е прочитана 1399 пати.

Испрати коментар



Опозициска неизвесност
Фризирана историја
Ватерполо велесила



jovan, 01.11.2011 00:56:22
Ti predlagam da gledas poveke Sitel i vednas ke go smenis mislenjeto za sostojbata/korsokakot/ vo koj se naogame. Najverojatno Sitel go gledale i Avstriicite pa navodno tolku mnogu se voshituvale na napredokot na Makedonija sto duri i se razocarale od nivnata Avstrija (barem taka javija na Sitel). Istoto razocaruvanje go dozivuvaat i Bugarite. Navodno mnogu ni ljubomorele bidejki ekspresno sme napreduvale, a oni propagale (povtorno spored Sitel). Mozebi naskoro i Obama ke dojde ovde da go vidi ova cudo. Samo da ne se razocara posle i on od America. Predlagam nekoj novinar da gi sobira site biseri od Sitel i barem ednas nedelno da gi objavi kako sobrani dela vo nekoja kolumna. Veruvam na site ke ni bide podobro, ke doznaeme poveke za blagodetite koj od den na den se se pogolemi i pogolemi, sto duri i drugite ni zaviduvaat, a samo nie nikako da gi vidime i osetime.
Лазо Стефанов, 01.11.2011 07:05:20
Навистина сме народ кој работи во полза на сопствента штета. Како мирно си ги гледаме работите околу нас како се трошат нашите пари и од локалните буџети. Се поставуваат сообраќајни знаци околу зградите каде нема скоро никаков сообраќај, се обележува пешачки премин кој води од гаражата на комшијата до маалската продавница, ќе се ,,чисти,, реката, по вторпат во две години, уништивајќи го зеленилото и да не набројувам понатаму. Никој не не` вклучува во процесот на партиципативното буџетирање. Нема јавна распрва во рамките на буџетското процесирање, така како што предвидува Законот за буџетите.Разбираме ли доволно што е тоа-тврди буџетски ограничувања? Што е тоа отворен буџет?Повторно и повторно ќе бидеме рангирани меѓу земјит�� со лоши индекси на партиципативното буџетирање...Продолжува ...
Трпе, 01.11.2011 07:30:18
Еее и на врапчињата им е веке познато дека кум Ставре што каже гарант лаже.Тоа што тој го кажува и работи е се обратно.Па не се меша ,во винансите од вчера.Еве сега народот го убедува дека и многу се штедело и дека штедните влогови во РМ биле сигурни.
Stavre, 01.11.2011 12:40:29
Ke se najde li nekade podatok kolku sme momentno dolzni. Ovie vrtat so nekakvi postotci, a da izrachunas kolku e toa vo dolari ti trebat drugi parametri do koi ne mozes da dojdes. Zatoa kolku sme dolzni vo pari? Kratko, jasno i chisto.
x, 01.11.2011 14:36:14
Igor shema,strucnoto lice za ekonomski prasanja od SDSM predviduvase rebalans uste vo fevruari 2011 i se sitese nad PROBLEMATICNIOT buget za 2011,a dosega velis rebalans nemalo.Znaci TAPA vi se strucnjacite,tesko studentite na koi SEMA im e predavac.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

  

 


Site Meter


Најчитани текстови во 2011

1. Се запали Александар Палас - емирот во „магла"
2. Тргањето на Александар сега е тешко
3. Кај Велешко се бараат 220 тони злато
4. Македонец ја открил Америка со Колумбо
5. Бранко и Али бегаат од тигарот

Најнови вести
Време
Скопје, 2°C

Обилни врнежи

Петок
Обилни врнежи
Макс: 2°C, Мин: 1°C

Сабота
Локални грмотевици
Макс: 2°C, Мин: -9°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |