04.01.2012, 11:37 Изгаснат пожарот во Тафталиџе, тројца повредени пожарникари

Изгаснат е пожарот што синоќа избувна на улицата „Букурешка“ во скопската населба Тафталиџе. Опожарени се две споени куќи или површина од 400 метри квадратни.
Пожарот во Противпожарната единица на Град Скопје бил пријавен синоќа околу 20 часот. Во гаснењето учествувале 30 пожарникари и 15 противпожарни возила. Според првичните информации пожарот кој избувнал околу 20 часот бил предизвикан од дотраена електрична инсталација во бараката која е целосно изгорена. Огнот подоцна ја зафатил и соседната куќа чија внатрешност е целосно уништена.
Повредени се тројца пожарникари, кои биле однесени во Градската болница „8 Септември“. Тие се здобиле со полесни повреди и во моментов се на домашно лекување. Еден од повредените пожарникари добил набиеници откако паднал по скали, а другите двајца заработиле исекотини борејќи се со огнот.
Во пожарот за среќа нема жртви благодарение на пожарникарите кои во последен момент од бараката евакуирале 69-годишна жена.
Увид на местото денеска ќе врши СВР Скопје.
|