19.01.2012, 12:28 Одбележан празникот Водици во Скопје - крстот го фати Даниел Дончевски
Даниел Дончевски беше најсреќниот меѓу 127-мината кандидати, кој го фати светиот крст во водите на реката Вардар во Скопје. Тој учествува по петти пат, а крстот го фаќа по втор пат. Првиот пат го фати во 2007 година
Се смета дека оној што ќе го фати крстот цела година ќе го следи среќа, здравје и благосостојба, а традиционално и оваа година доби подароци.
Порака за благосостојба до насобраните верници кои го следеа осветувањето на водата на реката Вардар на мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, упати поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, со традиционалното христијанско честитање на празникот „Бог се јави!“.
На чинот на фрлањето на крстот во реката Вардар присуствуваше премиерот Никола Груевски.
Богојавленската литургија почна утрово во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, а потоа во 11 часот поглаварот на МПЦ г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија се упатија кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, од каде ги осветија водите на Вардар.
За безбедност на верниците во вода ќе грижеше специјалната единица на Министерството за внатрешни работи, специјалната единица за одговор при катастрофи при Црвениот крст на Град Скопје, како и кајакарите на Кајакарската федерација на Македонија. За безбедноста на копно беа ангажирани полицајци, како и лекарска екипа на Брзата помош.
Кум на овогодинешната манифестацијата беше Сашко Станинов, а следната година ќе биде семејството на Мите Јовановски.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануваaт лековити.
Богојавление (Водици) - 19 јануари, согласно Законот за празници на Република Македонија, е неработен ден за верниците од православна вероисповед
Организатор на манифестацијата „Водици 2012“ е дневниот весник „Нова Македонија“.
Крстови се фрлат и во другите населени места во Македонија. Во Скопје се фрлаа на мостот Обединети нации и во Лепенец кај Волково.
|