20.01.2012, 10:41 „Анонимни“ со одмазничка акција поради затворање на Megaupload.com
Хакерите направиле обиди и за блокирање на други официјални сајтови, како на пример на ФБИ и на Белата куќа, но биле неуспешни
Хакерската група „Анонимни“ соопшти дека го извршила досега најголемиот напад на одмазда поради одлуката на американската Влада да ја затвори една од најголемите во светот интернет страници за размена на поголеми фајлови Megaupload.com под обвинение дека ги нарушува авторските права.
Повеќе од 5.000 активисти на групата дејствувале координирано при блокирањето на веб страниците на американското Министерство за правда, на Филмската асоцијација на Америка и на Асоцијацијата на музичката индустрија на Америка. Како последица на нападот од вчера овие три сајта се недостапни.
Хакерите направиле обиди и за блокирање на други официјални сајтови, како на пример на ФБИ и на Белата куќа, но биле неуспешни.
Акцијата започна откако федерални обвинители покренаа обвиненија против седум лица, поврзани со Megaupload.com, дека заработиле 175 милиони долари додека сопствениците на авторските права загубиле над 500 милиони долари. Корисниците на овој веб сајт можат да ставаат на него фајлови со голем обем, кои не можат да бидат испраќани преку електронска пошта, но можат да бидат „симнувани“ од страницата со голема брзина од други корисници. Се претпоставува дека Megaupload.com им плаќа на луѓето кои ставаат популарни филмови и други фајлови и им наплаќа такса на оние кои ги „симнуваат“.
|