20.01.2012, 14:06 НАТО: Нападите, како денешниот, се изолирани случаи во Авганистан
Случаите како денешното убиство на француски војници во Авганистан стануваат главни вести во медиумите, но тие се изолирани настани, се посочува во соопштението на генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
Тој објасни дека секој ден 150.000 војници од 50 држави обучуваат 300.000 припадници на авганистанската армија.
Расмусен додаде дека силите на ИСАФ ќе продолжат да му помагаат на Авганистан во подготовката на земјата да ја преземе грижата за својата сопствена безбедност.
Расмусен изрази жалење до семејствата на загинатите и сочувство за настраданите.
Францускиот претседател Никола Саркози денеска објави дека ги прекинува операциите на француските војници за обука и борбена поддршка на авганистанската армија и го постави прашањето за предвремено повлекување на контингентот, откако авганистански војник утринава застрела четворица француски војници, пренесоа француските медиуми.
- Ние сме пријатели на авганистанскиот народ, сојузници на авганистанскиот народ, но не можам да прифатам дека авганистански војници стрелаат врз француски војници, истакна Саркози.
Тој прецизира дека министерот за одбрана Жерар Лонге и началникот на Генералштабот адмирал Едуар Гијо веднаш тргнуваат за Авганистан.
Францускиот претседател изјавата ја даде пред дипломатскиот кор во Париз.
|