20.01.2012, 11:37 Овации на концертот на Симон Трпчески во Норвешка
Македонскиот пијано виртуоз премиерно ја изведе „Фантазијата на две фолклорни теми“ – првиот став од Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери
Со овации и аплаузи во такт со „Скопското оро“ на бис заврши синоќешниот концерт на Симон Трпчески во Ставангер, Норвешка, на кој заедно со Симфонискиот оркестар на тој град, македонскиот пијано виртуоз премиерно ја изведе „Фантазијата на две фолклорни теми“ – првиот став од Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери. Концертот го водеше диригентот Алан Бурибајев од Казахстан.
- Норвежаните уште од првиот момент не примија со огромен ентузијазам и почит. Музичарите предводени од диригентот Бурибајев, иако им беше комплицирано, сосема се внесоа и дадоа се од себе за првата изведба да биде достоинствена. Навистина сум им благодарен ним и на Дамир со оваа негова посвета за мене, па изведбата на „Скопското оро“ на бис, беше само „шлаг на музичката торта“. Многу ми е мило што полната концертна сала во Ставангер реагираше на еден многу искрен и топол начин, со аплаузи во такт и мислам дека ова е една убава мотивација и прекрасен среќен почеток за ова дело пред неколкуте изведби што следат во текот на пролетта, изјави Трпчески за Македонското радио.
На праизведбата присуствуваше и композиторот Имери, кој ова дело специјално го напиша за Трпчески.
- Чувството е навистина посебно. Кога композитор ќе напише нешто, тоа е ништо додека музичарите не го оживеат и додека публиката не го восприми. А кога, како во овој случај, публиката ќе ја прими музиката тотално, јас се предавам за понатаму и мислам дека ќе продолжам да пишувам и се ќе биде како што треба. Иако имаше малку време за проба, се работи за искусни професионалци. Диригентот беше многу добар, имавме одлична соработка и мислам дека беше супер. А за солистот нема дискусија: Симон е перфектен музичар но и човек. Морам да му заблагодарам бидејќи ако не беше тој, ова немаше да се случи, рече Имери.
Диригентот Алан Бурибајев се познава со Трпчески повеќе од шест години и многупати настапувале со врвни светски оркестри. Тој изјави дека имал интересна соработка сo Трпчески и Имери.
- Досега, за жал, не сум работел на никакво музичко дело од Македонија, па ова беше своевидна премиера и за мене. Кога ја слушнав мелодијата, веднаш ја засакав. Дамир е многу талентиран и има изразена дарба за мелодија и нејзина хармонизација, користејќи ги познатите фолклорни теми од Македонија кои ги става во многу интересни хармонски колажи и позадини. Делото е изработено мајсторски и му предвидувам светла иднина не само во изведба на Симон, туку и од други пијанисти кои ќе го откријат. На тој начин луѓето уште повеќе ќе дознаат за Македонија. Симон е вистински културен амбасадор на земјата и со него Македонија станува многу важна културна дестинација на глобалната светска мапа, изјави диригентот Бурибајев.
По премиерата во Норвешка, првиот став „Фантазија на две фолклорни теми“ ќе биде изведен уште пет пати во првата половина од годинава - Загреб, Сиетл, Пекинг, Гвангжу и Познањ.
|