20.01.2012, 15:58 Објавена Годишната програма на Министерството за култура
Во 2012 ќе бидат објавени над 450 дела, од кои околу 280 оригинални, со финансиска поддршка на Министерството за култура, кое денеска ја објави Годишната програма за оваа година
Во издавачката дејност се поддржани и 70-ина преводи на дела од светската литература. Приоритет имале изданија на автори кои досега не се преведувани на македонски јазик, како современа литература.
Меѓу преводите Министерството посебно го изделува романот „Златен оков“ на кинескиот писател Џанг Аилинг (издание на Или-или), затоа што тоа ќе биде првпат едно книжевно дело да се преведува директно од кинески јазик. Авторка на преводот е од Сара Цветановска. Меѓу преводите на македонски дела е „За македонцките работи“ од Крсте П. Мисирков, на германски јазик, од Волф Ошлис (издание на Македоника).
Министерството ќе го субвенционира и печатењето на 10-ина монографии, меѓу кои за Старата скопска чаршија (Матица македонска) и „Скопската тврдина Кале пред Христа“ на Драги Митревски (Менора).
Од областа на драмската дејност поддржани се 55 проекти на режисери од земјава и странство. Во МНТ премиери ќе постават Слободан Унковски (Изгубени Германци), Иван Поповски (Мајсторот и Маргарита), Владимир Милчин (Подемот и падот на кабарето), Владе Цветановски (Животот е сон), како и „Архелаос“ во Драмски театар... Бранко Брезовец ќе ја постави „Травничка хроника“ на Иво Андриќ во НТ Битола, каде што Андраш Урбан ќе ја режира „Проект Хамлет машина“. На сцената на Албанскиот театар ќе биде поставена „Просјачка опера“ од Вацлав Хавел, во режија на Дино Мустафиќ, во Турскиот - „Кога лисјата паѓаат“ режирана од Салаетин Билал.
Во програмата се објавени и трите премиери на новоформираниот театар „Комедија“, кој ќе проработи оваа година („За секого има по една“ од Венко Андоновски во режија на Владлен Александров, „Женидба“ од Гогољ, режија Дејан Пројковски, и „Ах, љубов моја неверна“ по текст и режија на Коле Ангеловски). Покрај „Комедија“, како посебна организациска единица во состав на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ќе работи и Албански театар во Куманово. Министерството ќе учествува и во финансирањето на проекти на аматерската, алтернативната и независната театарска сцена, посебно во средини во кои нема професионални театари.
Во музејско-сценската дејност поддржана е премиерата на „Травијата“ по повод 40 години на фестивалот „Мајски оперски вечери“, операта „Лучија од Ламермур“, како и балетската премиера „Самсон и Далила“. Во оваа област има и неколку јубилеи, како 80 години творештво на Љубомир Бранѓолица и 60 години од раѓањето на Димитрије Бужровски.
Ќе бидат поддржани и гостувањата на нашите национални музички ансамбли - „Танец“ (Австралија, Црна Гора) и Македонската филхармонија (Оман, Саудиска Арабија).
Во рамки на меѓународната дејност, во 2012 македонската култура ќе биде претставена во Унгарија и Украина, на Олимијадата на културата во Лондон и во Марибор - годинашната престолнина на европската култура.
Министерството ќе поддржи и голем број изложби на музеи и галерии, археолошки и конзерваторски проекти, учества на македонски експерти на стручни конференции, проекти во соработка со УНЕСКО... Во областа на ликовната и галериската дејност, годинава на Биеналето за архитектура во Венеција ќе биде претставен проектот на Саша Тасиќ и Александар Радевски - „Метамак, архитектонски колектив: Меѓу возвишеното и секојдневието“.
Буџетот на Министерството за култура за 2012 е 3.437.215.000 денари и е 0,84 отсто (28.554.000 денари) поголем од лани. Од вкупниот буџет, за програмски активности се наменети 815.632.000 денари (102.472.000 денари повеќе од 2011).
|