20.01.2012, 12:44 Поддршка од Албанија за евроинтеграција на Македонија
Средба на министрите за одбрана на Македонија и на Албанија, Фатмир Бесими и Арбен Имами, кој се наоѓа во официјална посета на земјава
Исклучително добра соработка во областа на одбраната и соработка на високо ниво во однос на прашањата за евроатлантските интеграции и за регионот, констатираа министрите за одбрана на Македонија и на Албанија, Фатмир Бесими и Арбен Имами, кој се наоѓа во официјална посета на земјава.
На средбата, министерот Имами ја потврдил целосната поддршка на Албанија за членството на Република Македонија во НАТО.
- Колку побрзо Македонија и земјите од регионот бидат интегрирани во НАТО и во ЕУ, тоа ќе биде само во интерес на мирот, безбедноста, стабилноста и развојот на регионот. Интегрирањето на Република Македонија во НАТО е во најдобар интерес и за Република Албанија, изјави по средбата Имами.
Сепак, тој изрази надеж дека, како што рече, техничкиот и политички проблем што постои меѓу Македонија и Грција, да се реши колку што е можно побрзо и земјава да стане полноправна членка и на Алијансата и на ЕУ.
Соработката, посочија Имами и Бесими, има простор да биде проширена и на многу други полиња, особено во насока на заедничка заложба за промоција на проектите „паметна одбрана“ и порационално користење на ресурсите во одбраната. Во тој контекст, од македонска страна, понудна е можност да се користи армискиот полигон „Криволак“ и Регионалниот центар за комуникации.
Албанскиот министер за одбрана ја најави и можноста во рамки на Јадранската група - А5, или во која било друга форма, да се формира заедничка група која би се соочувала со евентуални итни интервенции било тоа да се природни катастрофи или терористички закани.
Министерот Имами ќе биде примен и од заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор Муса Џафери, а планирано е да оствари средба и со членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.
|