22.01.2012, 11:47 Четвртиот меморијален концерт ја откри првата љубов на Тоше
Познатите арии во нов аранжман ги свиреа Оркестарот на МОБ и Бендот на Тоше, кои на сцената беа заедно хорот „Про арс“ и под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар
Во пресрет на 31 година од раѓањето на Тоше Проески, солисти од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска и од Словенија синоќа во Македонската опера и балет ги отпеаја неговите хитови како арии, зашто идејата на организаторите беше четвртиот меморијален концерт да ја открие првата љубов на Тоше - операта.
Познатите ноти во нов аранжман ги свиреа Оркестарот на МОБ и Бендот на Тоше, кои на сцената беа заедно хорот „Про арс“ и под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар.
Прва настапи примадоната од Белградската опера Сања Керкез со „Још увек сањам да смо заједно“, а подоцна и со „Игре без границе“. Хрватскиот тенор Иво Гамулин-Џани ја испеа „Пратим те“, Еделенина К'нева од Софија - „Ден за нас“, сопранистката од Словенија Аленка Готар настапи со „Једина“, македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски со антологиската „Тајно моја“, а за крај на концертот нашата оперска дива Весна Ѓиновска-Илкова ја отпеа „The Haredst Thing“ и со својот моќен сопран ги подгреа емоциите во исполнетата сала на МОБ.
Инструментално беа изведени „Љубена“, во пијано придружба на Симон Трпчески, кој е и автор на оваа композиција во 2004-та, и музиката од „Арија“ и „Крушево“ со гитарско водство на Влатко Стефановски.
Покрај поп-хитови, во вид на арии беа отпеани и две стари македонски песни од албумот на Тоше „Божилак“ - ,„Море сокол пие“, со која повторно настапи Ѓорѓи Цуцковски, и „Ако одам во Битола“, која ја испеа српскиот бас Иван Томашев.
- Тоше со ист жар пееше и поп, и народна, и класична музика, зашто неа ја делеше на два жанра - добра и лоша. Овој концерт можеби ќе поттикне многу млади да ја засакаат и операта, како што ги запознаа заборавените македонски песни откако Тоше ги обнароди..., рече водителката на концертот Ирена Спировска.
Тошевата љубов кон операта беше прикажана низ снимки од негови најрани настапи - „О соле мио“, ,„Санта Лучија“, арии од Пучини и Доницети... оперска улога како студент во „Деспина и мистер Докс“ на Димитрие Бужаровски, како и оперските изведби на народните „Кажи, кажи, либе Стано“ и „Не си го продавај Кољо чифлигот“.
Концертот насловен „Неговите арии“ го организираа Фондацијата ,,Тоше Проески" и Министерството за култура. Иако поинаков од претходните три и во нов, помал, но поакустичен простор, каков што бара изведувањето класична музика, и овој меморијален концерт имаше хумана цел. Проиходот од влезниците е наменет за опремување на Клиниката за детски болести.
|