24.01.2012, 10:52 Ховит: Статус кво за Македонија не е одржлив
- Важно е ние (Комисијата за надворешни работи, н.з.) и Парламентот при гласањето на резолуцијата да кажеме дека статус кво не може повеќе да трае, рече Ховит
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент денеска треба да гласа за нацрт резолуцијата за напредокот на Македонија откако на вчерашната дебата европратениците постигнаа компромисни решенија за амандманските измени во кои доминира барањето за брз почеток на преговорите со ЕУ.
И покрај разликите меѓу европратениците по многу прашања за Македонија, тие успеаја од 164 амандмани да преточат шеесетина од нив во 21 компромисен амандман.
- Важно е ние (Комисијата за надворешни работи, н.з.) и Парламентот при гласањето на резолуцијата да кажеме дека статус кво не може повеќе да трае, рече Ховит.
На почетокот од амандманската расправа, како што јави Дојче веле, која повеќе наликуваше на политичка дискусија, предлагачот на резолуцијата Ричард Ховит нагласи дека тој сакал да биде позитивен во пристапот и оценувањето на земјата и затоа користи позитивни формулации, како поздравувањето на извештајот на Светска банка за Македонија, оценката на Транспаренси интернешнл, и резултатот на кошаркарите, што според него треба да стои во резолуцијата.
Истакнувањето на позитивните аспекти од напредокот на земјата, според Ховит, дозволува да се испратат и да бидат слушнати поостри критики и барања за продолжување на реформите во судството, слободата на печатот, децентрализацијата, дискриминацијата како и охрабрување за одржување на попис на населението, правата на малцинствата.
Британскиот европратеник посебно инсистираше на употребата на името на земјата во официјалните документи на ЕУ. Референцата е правна обврска која произлегува од ОН, Ховит го бранеше компромисот на Мешовитиот комитет од Скопје за употребата на придавката македонски за јазикот, културата, идентитетот, со што ЕП би признал дека нејзиното неупотребување предизвикало негативна рекација кај Македонците.
Ховит за ова доби силна поддршка од европратениците од Словенија Јелко Кацин и Алојз Петрле.
- Доаѓам од поранешната југословенска република Словенија. Словенија ја призна Македонија под нејзиното изворно суверено избрано име. Кога беше во Југославија тоа не преставуваше проблем за никого. Секој од нас има свој идентитет и во согласност со нашиот поглед за идентитетот, ние треба да ги почитуваме основните вредности и начела и секој идентитет, нагласи Петрле.
Германскиот европратеник Бернт Поселт, пак, побара да не се игнорира Времениот договор меѓу Македонија и Грција и пресудата на Меѓународниот суд.
- Не треба да се игнорира Времената спогодба, таа треба да се спроведува. Цело време повторувавме дека треба да се сочека пресудата на Судот од Хаг, сега ја имаме таа пресуда и повторно треба да се чека. Не знам што треба да се чека. Ако пресудата беше поинаква немаше да чекаме, затоа сум скептичен кон оваа ситуација, вели Поселт.
Во дискусијата на Поселт се приклучи и британецот Чарлс Танок, додека европратеничките Николај и Марије Корнелисен бараат почитување на пресудата и таа да послужи како основа за преговори.
Ховит на тоа се надоврза со повик да се следи пресудта од Хаг и двете страни да не провоцираат, што не го направиле по донесувањето на пресудата, а европратениците да покажат слична дисциплина. Тој сака да има поконструктивно однесување, а не само обвинување во односите меѓу двете земји.
Грчките европратеници, пак, ја обвинија Македонија за провокации и пропаганда.
- Оваа држава се обидува да создаде лажен идентитет и историја која се потпира на пропаганда за нивниот идентитет. Не е проблем името на државата туку лагите кои постојано произлегуваат од таа пропаганда. Властите на земјата треба да преземат нешто затоа што нивната пропаганда отиде предалеку, рече Маријета Јанаку.
Бугарските европратеници, исто така настапија со старите барања бугарското малцинство во Македонија слободно да можело да се изјасни и за добрососедски односи.
- Силно се надевам дека нашите соседи од Македонија ќе успеат да го надминат влијанието од минатото и ќе го изберат конструктивниот начин на изградба на односите со соседите, рече Андреј Ковачев.
Минатогодишниот известувач за Македонија, Кристијан Вигенин на крајот констатира дека „нормално е што името се наоѓа во центарот на расправата, бидејќи без разлика што ќе направиме тоа прашање не спречува да постигнеме напредок“. Тој смета дека не смее да се биде заложеник на билатерално прашање кое ја става во прашање стабилноста на земјата и регионот. Притоа бугарскиот европратеник предлага преодно решение кое ќе ја ангажира Македонија на патот на европската интеграција.
Словенечкиот европратеник Петрле во контекст на ова го посочи словенечко-хрватскиот модел за решавање на билатералните спорови.
За предлог резолуцијата се гласа денеска ��о што таа ќе биде ставена на расправа и гласање на пленарна сесија на Европскиот парламент.
|