26.01.2012, 10:50 Бројот на сиромашни расте четири пати побрзо од бројот на богати
Светската популација во октомври 2011 достигна цифра од седум милијарди, додека резервите за суровини на Земјата, според прогнозите на ОН, ќе се истрошат за 60 години, се истакнува во истражувањето на службата за аналитичка информатика на Меѓународната организација на кредитори
Додека населението на најсиромашните земји, според податоците на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во 2010 се зголемил за 2,1 отсто, жителите на богатите земји биле само за 0,6 отсто повеќе. Популацијата на најсиромашните земји на светот расте речиси четири пати побрзо од населението на богатите држави.
Околу пет милијарди (72 отсто) луѓе на планетата живеат со просечни приходи, во земјите со високи приходи живеат 1,1 милијарда (16 проценти) жители, и приближно 800 милиони (12 отсто) луѓе живеат во најсиромашните земји на светот.
Пренаселеноста носи со себе низа глобални проблеми, меѓу кои најсериозни се невработеноста и недостатокот на природни суровини.
Нивото на вработеност на населението е еден од најважните показатели на благосостојбата на една земја. Максимална вработеност, според податоците на ММФ, е забележана во Кина, но како што се истакнува во истражувањето, почнувајќи од 2000 година невработеноста во најмногубројната земја на светот расте и надминува четири проценти.
Што се однесува до африканските земји со високо темпо на раст на населението, на пример во Египет, стапката на невработеност е во границите од 10,5 отсто, а во Етиопија околу 20,5 проценти.
Во услови на пренаселеност, исклучително актуелно прашање се резервите на храна, вода и енергија, истакнува Меѓународната организација на кредитори. Најголем дел од природните добра во последните години искористиле САД и Кина. На останатите земји отпаѓа нешто повеќе од 50 отсто резетви на планетата.
Кога е во прашање храната, по површина на земјоделско земјиште и шуми по жител Русија е безусловен лидер, а по неа следат Бразил и САД. Кина и Индија се аутсајдери поради високата густина на населението.
Водечки во производството на житарки по жител се САД, а по нив следи Русија.
Водата за пиење денес е еден од најдефицитарните природни добра, при што најбогати обновливи ресурси на вода има Бразил, а по него следи Русија.
Најголемите светски резерви на нафта се наоѓаат во Саудиска Арабија и Венецуела. Со потврдените резерви и сегашната експлоатација, количините на нафта ќе бидат исцрпени за најмногу 50 години.
По резервите на природен гас на прво место е Русија, а потоа следат Иран и Катар. При сегашната експлоатација, количините на овој енергенс ќе бидат доволни за најмногу 60 години.
Меѓународната организација на кредитори резимира дека зголемувањето на светската популација е предизвик за владите на земјите во развој, кои директно се судираат со потешкотиите кои од тоа произлегуваат, како и за најразвиените земји, со оглед на тоа дека тие поседуваат технологија, средства и експерти со чија помош проблемите поврзани со зголемувањето на бројот на населението би можеле да се решат.
|