26.01.2012, 14:46 Надал пресилен за Федерер
Шпанецот во првото полуфинале, по голема борба која траеше 4 часа и 11 минути, забележа победа над Роже Федерер од 3-1 во сетови (6-7, 6-2, 7-6, 6-4)
Рафаел Надал е првиот финалист на Отвореното првенство на Австралија во тенис, кое се игра на терените на Мелбурн Парк.
Шпанецот, кој на турнирот е поставен за втор носител, во првото полуфинале, по голема борба која траеше 4 часа и 11 минути, забележа победа над Роже Федерер од 3:1 (6:7, 6:2, 7:6, 6:4).
Првиот сет во Мелбурн донесе голема борба на големите ривали, Федерер прв му го одзеде сервисот на противникот и поведе со 3:0, но Надал брзо се врати во игра, возврати со иста мерка, по што првиот сет замина во тај-брејк, кој Федерер го доби со 7:5 за предност од 1:0.
Надал експлодираше во вториот сет кога при резултатот 2:2 освои четири последовни гема, што му беше доволно да го израмни резултатот.
Шпанецот во третиот сет прв му го одзеде сервисот на противникот поведе со 4:3, но Федерер бргу се врати во игра, што беше доволно за втор тај-брејк во мечот, него со 7:5 го доби Надал, искористувајќи ја шестата сет топка.
Четвртиот сет, не донесе брејк се до деветиот гем кога Надал му го одзеде сервисот на Федерер, а потоа на свој сервис не ја пропушти шансата за пласман во големото финале.
Рафа Надал минатата година во Мелбурн беше елиминиран во четвртфиналето, додека Федерер загуби во финалето од Ѓоковиќ.
Противник на шпанскиот тенисер во големото финале ќе му биде подобриот од мечот помеѓу бранителот на титулата Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, мечот се игра утре во 9:30 часот, по средно европско време. |