25.01.2012, 12:40 Шпанија и Хрватска во борба за медалите
Франција се прости од титулата по поразот од Хрватите, за кои одигра и Словенија, „фуријата“ подобра од Исланд
Ракометарите на Шпанија и на Хрватска му се придружија на домаќинот Србија во полуфиналето на Европското првенство уште по второто коло од новосадската група 2 од главната фаза. Шпанците го совладаа Исланд со 31:26, а Хрватска славеше со 29:22 против олимпискиот, светски и европски шампион Франција, со што го исфрли од игра за одбрана на европската круна. За Хрватите одиграа и Словенците со победата од 32:30 против Унгарија, единствената која можеше да им ги расипе сметките на „коцкестите“.
Французите, кои на овој шампионат не се ни бледа сенка на селекцијата што доминираше во светскиот ракомет во последните шест години, ја продолжија својата голгота против Хрватите, кои редовно ги „делкаа“ на големите натпреварувања. „Коцкестите“ и овој пат се мачеа против „триколорите“, кои го добија првото полувреме со 12:11, а израмнето беше до средината на вториот дел, кога избраниците на Славко Голужа со серија од 10:3 се одлепија на 26:20 во 55 м��нута и славењето на хрватската клупа можеше да почне.
Десниот бек Марко Копљар и десното крило Иван Чупиќ, обајцата со ефект 7/8, го предводеа победничкиот тим. За француската мизерија најдобар показател е статистиката на не толку одамна најдобриот светски ракометар Никола Карабатиќ: нула погодоци од три обиди за 38 минути во игра!
Група 2 од вториот круг, Нови Сад, второ коло: Шпанија – Исланд 31:26, Франција – Хрватска 22:29, Унгарија – Словенија 30:32.
Табела: Шпанија 7, Хрватска 6, Словенија 4, Унгарија 3, Исланд 2, Франција 2.
Вечерва играат: Франција – Исланд, Шпанија – Словенија, Унгарија – Хрватска.
|