26.01.2012, 14:28 ЗНМ: Ќе ја почитуваме одлуката на Уставниот суд за лустрацијата
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја повикува Владата во рамки на почнатите преговори да преземе конкретни чекори за декриминализација на клеветата и навредата
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани денеска на прес - конференција го повика и Советот за радиодифузија доследно и одговорност да го почитува и да го спроведе Законот за радиодифузна дејност и да постапува по препораките од Извештајот на ЕК за 2011 година во врска со сопственичката структура во Македонија.
- Без слободни медиуми не може да има вистинска демократија. Во разговорите влеговме со намера преку аргументи да ја убедиме Владата дека во Македонија има проблеми. Сега е на потег Владата да донесе политичка одлука и да влеземе во процес на измени и дополнувања на Кривичниот законик, рече претседателот на ЗНМ.
ЗНМ смета дека првиот чекор што треба да покаже дека дијалогот со владините претставници е функционален, е да се декриминализира клеветата и наредата, на што инсистираат и Европската комисија, ОБСЕ и други влијателни меѓународни организации. Најсоодветно е, ценат, прашањето да се решава со посебен граѓански закон, со кој ќе се утврдат правила согласно судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
- Ако постои политичка волја, ние со таква одлука би покажале пред нашите партнери дека во Македонија има сили кои се подготвени да се соочат со проблемот и да изнајдат решение, нагласи Селмани.
Одговарајќи на новинарско прашање за одлуката за Уставниот суд за процесот на лустрација на новинарите, Селмани е дециден дека ЗНМ ќе ја почитува одлуката затоа што во една демократска земја, подвлече, треба да се почитуваат независните органи на власта и поделбата на власта. - Ја поддржавме лустрацијата затоа што тоа е законска обврска и не сакавме да оставиме впечаток во јавноста дека голем број новинaри се соработници на тајните служби, рече Селмани.
Во врска со последниот извештај за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, во кој Македонија е рангирана на 94 место, во ЗНМ сметаат дека реалнo ja отсликува состојбата во оваа сфера и е потврда на ставовите кои ги застапуваат во последната година.
|