24.01.2012, 10:57 Соларна бура ја погоди земјата
Најсилната соларна бура од 2005 година досега ја погоди Земјата, а нејзиниот врв се очекува да достигне денеска, при што се очекува нарушување во сателитските комуникации, соопштија американските власти.
Бурата денеска ќе го достигне својот врв, а нејзиното влијание најверојатно ќе се почувствува и во текот на утрешниот ден.
Американскиот центар за предвидување на временските прилики во вселената предупредува дека во наредните два дена работата на сателитите, електро-мрежата, авиосообраќајот, но и истражувачките експедиции на Арктикот, би можела да биде пореметена.
- Бурата предизвика ерупција од среден интензитет, која во неделата изби на Сонцето. Блесокот не бил спектакуларен, но предизвикал масовно коронално исфрлување, кое, со енергетските сончеви честички, се движи со брзина од 6,4 милиони километри на час, изјави физичарот од центарот Даг Бисекер.
Најголемата последица, според него, е радијацијата, која на нашата планета стигнува во облик на соларни протони.
Меѓутоа, иако ова е најсилната бура која од 2005 ја погодила Земјата, на скалата од еден до пет, зазема трето место. Се смета дека ќе биде „силна“, но не и „разорна“.
Најсилни ефекти ќе почувствува северниот дел на Земјата. Бисекер, сепак, вели, дека не очекува поголеми проблеми.
- Загрижени треба да бидат луѓето на кои ГПС треба да им покаже прецизност во сантиметри, но не и тие кои сакаат да ги придвижат автомобилите 30 метри напред, појаснува тој.
Сериозни потешкотии предизвикани од соларните бури се многу ретки. Сепак, во минатото се забележани неколку случаи. Над шест милиони Канаѓани во 1989 година останаа без струја среде зима, а силната бура во 1972 предизвика прекин на телефонските комуникации во американската сојузна држава Илиноис.
Соларниот максимум се очекува наредната година, а некои научници предвидуваат дека може да има катастрофални последици.
|