26.01.2012, 11:37 ЕУ ќе потроши над 50 милиони евра за нов музеј на европската историја
Европската унија ќе потроши над 50 милиони евра за отворање на музеј на европската историја во Брисел, соопштија европски претставници.
Куќата на европската историја ќе претстави историски поглед врз мрачните епохи во минатото на континентот, вклучувајќи го Холокаустот и поделбата од Железната завеса, како и на подоцнежните напори за обединување на континентот преку европска интеграција.
Поранешниот германски претседател на Европскиот парламент Ханс-Герт Пјотеринг, кој е одговорен за проектот, ја одбрани идејата за создавање на музејот во време на штедење и жестоки политички спорови за износот на буџетот на ЕУ.
- Секогаш било тешко да се финансира културата и во споредба со некои национални музеи, тоа не чини толку многу, рече тој на прес-конференција.
Се очекува музејот да чини 56,1 милиони евра, при што парите ќе дојдат од буџетите на ЕП, ЕК и Европскиот совет.
ЕП веќе навлече критики, особено од британските весници, за одлуката да потроши 21 милиони евра за Парламентариумот - центар за посетители со површина од 5.400 метри квадратни, отворен во октомври.
|