16.01.2012, 15:29 Капетанот сакал да направи услуга на член на екипажот
Нова верзија за причините за трагедијата со италијанскиот туристички брод „Коста Конкордија“ открива денеска весникот „Кориере дела Сера“.
Според таа верзија, капетанот на бродот Франческо Скетино го доближил бродот до брегот поради шефот на сервисерите на бродот, кој бил роден во Џилио. Непосредно пред трагедијата, Скетино се обратил кон шефот на сервисерите Антонело Тиеволи со зборовите: „Антонело, дојди да видиш колку близу сме до Џилио“. На тој повик биле сведоци неколку лица.
Според добро запознаен извор, Тиеволи требало да земе одмор уште минатата седмица и да замине за Џилио, но не можел да најде заменик кој требало да остане за новиот курс.
Скетино посакал да му направи симболична услуга, доближувајќи го огромниот брод до скалестиот брег на тосканскиот остров.
Претходно, претседателот на Управниот совет и извршен директор на компанијата „Коста Крочере“, Пјер Луиџи Фоски изјави дека човечка грешка од страна на капетанот е причина за насукувањето на карпа на луксузниот брод „Коста Конкордија“.
Самиот капетан се оправдува дека се доближил до островот откако неозначена на картата карпа го пробила дното на бродот.
Според обвинителот на провинцијата Гросето Франческо Верузио, бродот бил на 150 метри од брегот на Џилио, соопштија претходно денеска весниците „Кориере дела Сера“ и „Стампа“.
Капетанот на „Коста Конкордија“ е обвинет за убиство без предумисла не неколку лица, за бродолом и за предвремено напуштање на бродот кој тонел.
|