17.01.2012, 11:22 Рикер: Не може да има поделба на Косово, ниту промена на границите
Коментирајќи го протестот организиран од движењето „Самоопределување“, Рикер, кој вчера престојуваше во Приштина, нагласи дека ниту една политичка партија нема право да го земе законот во свои раце
Американскиот заменик помошник на државниот секретар Филип Рикер изјави дека не може да има поделба на Косово, ниту промена на границите, додавајќи дека сите косовски Срби ќе бидат интегрирани во институциите на Косово.
- Не може да има промени на границите, ниту поделби, ниту замена на територии во овој регион. Србите од јужниот дел на Косово се интегрираа и тие се граѓани на слободно и демократско Косово. И Србите од Северот ќе се интегрираат во косовските институции, истакна Рикер.
Коментирајќи го протестот организиран од движењето „Самоопределување“, Рикер, кој вчера престојуваше во Приштина, нагласи дека ниту една политичка партија нема право да го земе законот во свои раце.
- Саботниот протест беше неприфатлив. Сакам да нагласам дека косовската полиција, според извештаите кои ги добив, ја заврши својата работа на професионален начин, смета американскиот функционер.
Тој истакна дека „Самоопределување“ е против преговори со Србија, но дека дефинитивно своето несогласување го изразува на погрешен начин.
Рикер се наоѓа на турнеја низ земјите од Западен Балкан, каде ќе има средби со политичките лидери и претставници на невладиниот сектор. Тој до 26 јануари, покрај Приштина, ќе ги посети и Белград, Македонија, Турција и Австрија.
|