17.01.2012, 18:23 Странските дописници под контрола
Странски правни лица нема да имаат право да прават анкети и да собираат мислења, а за прекршителите се предв��дува глоба од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност
Само со параф на шефот на македонската дипломатија во иднина ќе можат да се отвораат странски дописништва во Македонија. Бидејќи, токму Министерството за надворешни работи ќе добие надлежност да им издава акредитации за работа и ќе води регистар.
Странските држави и меѓународните организации ќе можат во земјава да основаат информативни установи, но само врз основа на билатерален договор. Исто така, секоја странска телевизиски екипа која ќе престојува на наша територија помалку од 30 дена ќе биде должна да добие одобрение за снимање кое го издава МНР. Странски правни лица нема да имаат право да прават анкети и да собираат мислења, а за прекршителите се предвидува прекршочна глоба од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност. Казни во иста висина се предвидени и за други прекршувања, кои се прецизно нормирани во законот.
Ова е суштината на новиот Предлог-закон за внесување, растурање и ширење странски печатени работи, странски филмови и за странска информативна дејност што го изготви Министерството за правда, а кој веќе се наоѓа во собраниска процедура.
Законот ги уредува начинот и условите за внесување, растурање и ширење странски печатени работи и странски филм, како и положбата на странските информативни установи, акредитирањето на претставниците на странски средства за информирање и надзорот.
Ваквите активности се слободни и може да ги вршат само правни лица регистрирани за вршење на таа дејност, додека ограничувања се предвидени за физички лица кои имаат право за свои потреби да внесуваат до пет примероци од странските печатени работи.
Согласно со компаративните искуства во поголемиот број земји-членки на Европската унија, се предлага надлежен орган за акредитација на странските дописници и странските дописништва да биде Министерството за надворешни работи.
Искуствата во поглед на акредитирањето странски дописници и дописништва се различни. Така, на пример, во Србија тие се регистрираат во Дирекција за информации, во Словенија во Министерството за култура, додека во Хрватска, Бугарија, Полска, Франција, Белгија,Чешка, Данска и Романија во Министерството за надворешни работи.
До 2006 година, во Македонија странските дописници и странските дописништва се регистрираа со дозвола од Агенцијата за информации, а по тој период и нејзиното престанување да работи, акредитациите ги издава Генералниот секретаријат.
Законот дефинира што се подразбира под странски печатени работи, странски филм, кој може да биде постојан дописник, а кој соработник. За претставници на странски средства за информирање во смисла на овој закон, се сметаат дописништвата и постојаните дописници на странските печатени и електронски медиуми.
Оваа материја досега била уредена со регулатива од бивша Југославија, поточно преку два закона што датираат од 1974 и 1979 година. (Г.Д.)
|