15.04.2012, 16:22 Меѓународен конгрес во МАНУ за патописецот Евлија Челебија
Македонската академија на науките и уметностите од вторник до петок ќе биде домаќин на меѓународен конгрес посветен на 400 години од раѓањето на познатиот отомански патописец Евлија Челебија
Конгресот е насловен „Балканот на Евлија Челебија“ и ќе биде под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, кој лани во Париз учествуваше и на светскиот конгрес за Челебија. Јубилејот од неговото раѓање минатата година беше во програмата на УНЕСКО за одбележување годишнини од светски значајни личности и настани.
Конгресот во Скопје е организиран од МАНУ и Центарот за цивилизациски студии при Универзитетот „Бахчешехир“ (МЕДАМ) од Турција, кој подготви сеопфатен проект насловен „Патник на цивилизацијата, Евлија Челебија“. Тој вклучува меѓународни изложби, трибини, тематски филм, детски филм, атлас на Евлија Челебија, книги и брошури на ��азлични јазици за промоција на градови, земји и историски места посетени од Евлија Челебија.
На конгресот во МАНУ од академска перспектива ќе се дискутира за карактерот на историските, општествените, културните и економските односи на Балканот. Најавено е учество на околу 80 истражувачи од Македонија и Турција, од балканските земји и од светот.
Конгресот свечено ќе биде отворен на 17 април претпладне, а истиот ден во МАНУ ќе биде отворена и изложба на тема „Еден отомански патописец“.
|