15.04.2012, 11:29 Почина писателот Ташко Георгиевски
Во 77. година од животот на 13 април во Скопје почина истакнатиот македонски писател и академик Ташко Георгиевски. Посмртните останки на Георгиевски ќе бидат погребани денеска на гробиштата во Драчево
Ташко Георгиевски е роден 1935 година во село Кронцелево, Воденско, Егејска Македонија. Долги години работеше како уредник во Македонската телевизија, и како уредник во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“. Член на ДПМ беше од 1957 година. Беше член на Македонскиот ПЕН центар и член на Македонската академија на науките и уметностите.
Ташко Георгиевски зад себе остави богат и значаен прозен опус. Автор е на романите: „Луѓе и волци“, „Ѕидови“, „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Црвениот коњ“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Исчезнување“, како и на збирките раскази: „Ние зад насипот“, „Суви ветрови“, „Куќа под калето“ и други. Автор е и на автобиографските записи „Плочата на животот“ и „Творечката лабораторија на писателот“. Романите „Црно семе“ и „Црвениот коњ“ се филмувани и како такви имаа голем успех. Неговите дела се преведени на повеќе јазици во светот.
Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“, „Дијалог“ и други.
|