Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Онлајн Магазин
13.04.2012, 16:40

Седум македонски филма на Скопскиот фестивал

Култниот независен филмаџија Гас ван Сент ќе го отвори 15. фестивал, а Теона Митевска ќе го затвори

Сунчица Уневска

Петнаесеттото издание на Скопскиот филмски фестивал ќе понуди 55 филма, меѓу кои и седум премиери на македонски филмови. Токму најновиот македонски долгометражен игран филм „Жената што си ги избриша солзите“ на Теона Митевска и ќе го затвори фестивалот, со што ќе почне и неговата редовна дистрибуција во матичната земја. Овој филм, кој ја имаше својата гламурозна премиера на Берлинскиот филмски фестивал, во програмата „Берлинале специјал“, на Скопскиот фестивал како ексклузивна гостинка ќе ја донесе големата шпанска и европска актерка Викторија Абрил.

Годинешното јубилејно издание на Скопскиот фестивал ќе се одржи од 19 до 27 април, во киносалите „Милениум“ и во Кинотека на Македонија. За неговото отворање, како што и доликува на ��дна веќе воспоставена традиција, е одбран филмот на еден од некогашните култни независни автори, американскиот режисер, музичар, фотограф и публицист Гас ван Сент. Филмот „Вознемирен“, кој лани ја отвори програмата „Извесен поглед“ во Кан, е одличниот спој на она што Ван Сент умееше со својата креативност да го донесе уште во неговите почетоци, кога ја одушеви публиката низ светот со „Драгстор каубој“ и „Мојот приватен Ајдахо“, но и на сето искуство и сегашната малку поголема комоција во поглед на продукцијата.

„Вознемирен“ ја има во себе онаа нитка на независност, на бунтовност, на отскокнување од средината, на нешто поинакво, а сепак многу силно и блиско до секого од нас. На многу необичен начин, како што тоа умееше овој режисер да го направи и во „Добриот Вил Хантинг“, во „Слон“ или „Параноиден парк“, Ван Сент навлегува во суштината на нештата, внесувајќи голем предизвик и провокација. Се чини, само тој успева говорејќи за погреби и болести да направи таква неверојатна ода на животот, која успева да опие со страста кон животот, кон неговата светлина и убавина, и покрај секогаш присутната мрачна страна.



Програмата на фестивалот е распоредена во девет секции, меѓу кои е и онаа посветена на новиот македонски филм. Во неа ќе видиме шест кратки филмови, секој за себе со многу интересна и нова приказна. Веќе ги претставивме „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор“ на Вардан Тозија и вистинската приказна „Редак“ на Владимир Митревски-Ѓуле, за еден страстен играч на видеоигри што по играта на случајот ќе му го измени животот.

А ќе ги видиме и: „Недовршена приказна“ на Наум Михајловски, кој е снимен во Прага и во кој главна улога игра Верица Недеска, потоа „Крајот на светот“ на Јани Бојаџи со Мето Јовановски и Владо Јовановски, кој има чудесна фотографија и веќе освои неколку награди, па „Метох“ на Стојан Вујичиќ, за секојдневието на една македонска монашка заедница, како и новиот филм на Александар Станковски, чие сценарио го потпишува заедно со Стефан Шашков. Филмот „Zero recycled - Sri Sharshy“ е видеозапис за неформалната уметничка група „Зеро“, која одигра големо влијание на нашата независна уметничка сцена, и за нејзиното патешествие пред учеството на 54. Венециско биенале со проектот „ILLUMinations“.

Претходно говоревме за новите филмови на големите авторски имиња, кои ќе ги понуди фестивалот, како Клинт Иствуд и неговиот „Џ. Едгар“, Мајкл Винтерботом со „Тришна“, Такаши Миике со „Харикири: смртта на самурајот“, па се' до Мартин Скорсезе и документарецот за Џорџ Харисон. Но, тука е и поновата, иако веќе етаблирана генерација, Лин Резми со „Треба да зборуваме за Кевин“, па Марјане Сатрапи со „Пилешко со сливи“, Оле Кристијан Медсен со комедијата „Суперкласико“, како и Кери Фукунага со „Џејн Еир“. Ќе го видиме и најдобриот филм од познатиот фестивал во Клермон-Феран, „Ветер преку езерото“, а исто така и неколку многу интересни и провокативни авторски дела, како поетичната и помалку откачена приказна за „Џес и Мос“ или за потрагата на две деца од едно африканско село по „Сината птица“.

Сепак, она што е најважно е континуитетот, соработката со македонските автори и, како што рече продуцентката и актерка Лабина Митевска, враќањето на публиката во киносалите. Имено, тоа што „Жената што ги избриша своите солзи“ ќе го затвори фестивалот е многу значајно и, секако, го подига и рејтингот на овој, но и на другите фестивали, а се очекува да го подигне интересот. Нема подобра презентација за еден фестивал од тоа да има премиери на домашни филмови. Освен тоа, оваа премиера по втор пат во Македонија, а првпат во Скопје, ќе ја донесе и Викторија Абрил, која, како што изјави Митевска, моментно го промовира во Франција својот многу успешен нов филм, па сепак ќе биде присутна три дена за овдешната премиера на „Жената што си ги избриша солзите“.

Веднаш по Скопскиот фестивал, на 28 април филмот на Теона Митевска ќе се прикаже во Битола, а од 1 мај тргнува неговата дистрибуција во сите киносали низ земјата. Заедно со дистрибутерот „Манаки филм“ тие ќе се обидат да стигнат во сите градови каде што има услови за прикажување. На прес-конференцијата беше присутна и Ана Јорданова од „Луминари медија“, кои во овој филм влегоа како спонзори, истакнувајќи дека се надеваат оти ова ќе значи почеток и ќе создаде една нова генерација што ќе има поинаков однос кон културата во земјава и која ќе вложува свои средства во нејзиниот развој. Нешто што во другите земји е вообичаено, додека кај нас се' уште е во зачеток.


Статијата е прочитана 851 пати.

Испрати коментар



Мими Поп Алексова и Бобан Ковачевски ќе настапат во Магдебург
Поезија на Абдулах Сидран на македонски
За Велигденскиот концерт
Христо Петрески почесен член на Друштвото на писателите на Србија
Македонски карикатури на изложба во Софија



apaurin, 14.04.2012 14:46:33
Ke mrdne li Skopskiot festival malku ovaa godina? Mnogu Makedinski premieri se najavuuvaat, nebare Holiwood stanavme, pa i stari filmovi novi premieri ke pravat. Kolku pati Jani Bojadzi ke pravi premiera na eden ist film? Kolku sto se sekavam premierata na istiot film bese napravena uste pred 2 godini. Tesko si na producentot i reziserot sto eden kratok film go vlecat 6 gofoni.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 11°C

Претежно облачно

Вторник
Обилни врнежи
Макс: 19°C, Мин: 5°C

Среда
Обилни врнежи
Макс: 12°C, Мин: 6°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |