14.04.2012, 17:23 Робин Гиб од „Би Џиз“ е во кома и се бори за својот живот
Гиб (62) подолго време има рак на дебелото црево и на црниот дроб, но кризата започнала откако тој на почетокот од оваа недела добил и воспаление на белите дробови
Робин Гиб, еден од членовите на прославената поп група „Би Џиз“ се наоѓа во кома во една приватна лондонска болница во Челзи, каде се бори за својот живот.
Гиб (62) подолго време има рак на дебелото црево и на црниот дроб, но кризата започнала откако тој на почетокот од оваа недела добил и воспаление на белите дробови.
Пејачот и композитор не се појави во јавноста на премиерата на неговото прво дело од класична музика на концертот посветен на 100-годишнината од потонувањето на бродот „Титаник“.
Неговиот син пред премиерата откри дека татко му не може да присуствува затоа што е во болница и е многу тешко болен.
Минатиот месец Робин Гиб беше опериран од рак во стомакот, по што изјави за лондонските медиуми дека ја надминал болеста.
Под нејасни околности, пред девет години, во болница во САД почина Морис Гиб, братот близнак на Робин. Во Лондон допатува и третиот брат Бари Гиб за да биде во овие моменти покрај Робин.
|