15.04.2012, 12:46 Смртта на Моросини ги одложи натпреварите во Серија А
Играчот од средниот ред на Ливорно почина вчера од срцев удар за време на дуелот од италијанската Серија Б на гостувањето против Пескара
Натпреварите од 33.коло на Серија А се одложени и нема да се играат овој викенд поради трагедијата која вчера се случи на натпревар од Серија Б кога фудбалерот Пиермарио Моросини доживеа срцев удар на теренот и почина пред доаѓањето на амбулантното возило.
Моросини имаше 25 години и настапуваше за Ливорно, а по трагичниот настан натпреварот Пескара – Ливорно беше прекинат во 31.минута.
Првично излезе информацијата дека Моросини паднал во кома, но подоцна било востановено дека тој доживеал три срцеви удари едноподруго и починал на самиот терен. Италијанските медиуми вината за смртта ја наоѓаат кај Брзата помош, која на теренот влегла со шест минути задоцнување, кои можеби биле и пресудни за животот на младиот ф��дбалер.
Фудбалската федерација на Италија, ги одложи сите натпревари кои требаше да се одиграат синоќа, денеска и утре.
|