17.01.2012, 11:19 Грција ги замрзнува преговорите и не сака посета на Нимиц на регионот
Повикувајќи се на медиумски извори во Грција, Василакис, на денешниот брифинг со грчките новинари, барајќи поддршка од нивната медиумската заедница, ја претставил радикалната грчка стратегија околу спорот за името
Република Македонија останува посветена на процесот под покровителството на ОН, за да се најде заедничко прифатливо решение, што ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија, во согласност со меѓународните норми и меѓународното право.
Ова му го пренел амбасадорот Зоран Јолевски на медијаторот Метју Нимиц на синоќешната средба во Њујорк.
Јолевски во изјава за Дојче веле, истакнува дека македонската страна очекува одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, да придонесе за зајакнување на билатералните односи мегу двете земји. На средбата со Нимиц, како што наведува, станало збор и за тоа, дека приемот на Република Македонија во НАТО ќе придонесе на стабилноста во Југоисточна Европа.
Нимиц синоќа имаше одвоена средба и со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис. Грчките медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори во ОН, јавија дека Нимиц ја разгледува можностa во февруари да ги посети Скопје и Атина.
Предвидено е Метју Нимиц денеска повторно да се сретне со амбасадорите Јолевски и Василакис, но засега нема најава за евентуална заедничка средба.
Дојче веле оценува дека Јолевски оставил посилен впечаток дека Скопје, всушност повеќе ја посакува таквата средба. Додека, пак, грчките медиуми истакнуваат дека Грците сосема се фокусирани на нивната економска криза. Тие, практично, уште еднаш се согласија за нова рунда преговори само на про-форма основа. Кризата им послужи како алиби овие преговори однапред да ги прогласат како не толку много важни. Ниту овој пат, се чини нема многу да се одмине од она што дури некој го гледаат како грчкиот обид за „купување на време”, објавува Дојче веле.
Повикувајќи се на медиумски извори во Грција, Нетпрес пренесува дека грчкиот преговарач Василакис, на денешниот брифинг со грчките новинари, барајќи поддршка од нивната медиумската заедница, ја претставил радикалната грчка стратегија околу спорот за името. Ударна поента на брифингот била, дека со дипломатски маневри, тактиката на Грција е буквално да ги замрзне разговорите до Самитот во Чикаго, а единствена цел е купувањето на време и нерешавањето на спорот, со што Македонија повторно би била блокирана во НАТО интеграцијата.
Василакис ја соопштил позицијата, која најверојатно на средбата му била пренесена и на Нимиц, дека Грција одбива какви било директни заеднички средби помеѓу македонските и грчките претставници, и тоа дури и на ниво на преговарачи, а за средба на повисоко ниво воопшто и не се размислувало.
Грција не е заинтересирана и ја цени за непродуктивна и евентуалната посета на Нимиц на регионот. Оваа позиција му била пренесена и на Нимиц, и тоа со назнака доколку Грција биде притисната од сојузниците сепак да оствари средба со преговарачот, таа би била про форма и без никаква суштина. Тоа значи дека Грција замрзнувајќи ги разговорите, купува време и не сака никакво решение, позиција која е идентична со онаа која ја опишаа деновиве и повеќе аналитичари и инсајдери во спорот.
Тактиката била Грција да купува време, избегнувајќи секаква можност или прилика за надминување на спорот до март, кога треба да започне изборната кампања за предвремените парламентарни избори во Грција. Потоа грчките власти би се ваделе дека во време на предизборна кампања нема никакви услови за постигнување на решение, со образложение дека постои џентлменски договор помеѓу партиите да не се задира во ова прашање. Така Грција би добила време до изборите кои најверојатно би се одржале една недела по православниот Велигден, во терминот околу 19 април. Потоа би почнале процедурите за избор на новата грчка влада, кои се очекува да траат неколку недели, факт кој би и одговарал на Грција за повторно бегање од решение под изговор дека Владата не е составена и не може да носи одлуки, и на тој начин би избегнала решавање на прашањето пред Самитот на НАТО кој треба да се одржи во мај во Чикаго, САД. На овој начин Грција повторно би предизвикала блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО.
Првичните оценки за оваа радикална грчка стратегија се дека таа не е од интерес за регионот и не е во согласност со заедничките вредности и взаемната солидарност на Алијансата, пренесува Нетпрес.
|