25.01.2012, 20:01 Исправно е Македонија во Чикаго да добие покана за членство во НАТО
Премиерот Никола Груевски вчера попладне се обрати на состанокот на седницата на Северноатлантскиот совет во Брисел
Премиерот Никола Груевски кој вчера попладне се обрати на состанокот на седницата на Северноатлантскиот совет во Брисел апелираше до сите земји-членки на НАТО да го преиспитаат прашањето за членство на Македонија во првата наредна прилика и пред Самитот на НАТО во Чикаго. Рационално и исправно е, потенцира тој, на самитот во Чикаго да биде доделена покана за членство на Република Македонија во НАТО.
- Тоа ќе значи разбирање за потребите и интересите на моите граѓани да имаат услови за понатамошен социо-економски развој, за нови реформи и модернизација и за создавање нови дела базирани на вредностите на Алијансата. НАТО има политичко лидерство кое сака и прави напредок и вашата помош ќе е силно охрабрување за една мала земја со голема верба во евроатлантските принципи за правда и еднаквост, како што е мојата. Движењето на Република Македонија напред на евроатлантскиот интегративен пат е мал, но значаен придонес за одењето на Алијансата напред, а најголема корист од него ќе има целиот регион на Југоисточна Европа, и НАТО во целина, дециден е македонскиот премиер.
Тој посочи дека се очекува завршниот документ од претстојниот Самит на НАТО да не се сведи на повторување на формулациите од претходните самити во однос на статусот на Македонија.
- Наместо тоа, земајќи го предвид најновиот развој на настани во врска со овој уникатен случај, кои ја рефлектираат новата реалност, да ја рефразира терминологијата соодветно и да се резултира со покана за членство на Македонија во НАТО, рече претседателот на Владата на Република Македонија.
Кога влегував на состанокот, им посочи Груевски на присутните амабасадори на земјите членки на НАТО, видов еден натпис кој гласеше слободно мислење во отворена дискусија. Во овој дух, им рече, би сакал да се осврнам на главниот предизвик кој стои пред членството на мојата земја во НАТО, а тоа е спорот кој една земја членка на НАТО го има со нас, а се однесува на нашето уставно име и нашето самоименување, кое народот како чувство го има и се идентификува со него со векови, кое беше обезбедено со Атлантската повелба на сојузниците за самоопределување и кое беше потврдено на референдум пред 20 години.
- Сакам да истакнам дека ние сме силно заинтересирани за цврста соработка, партнерство и сојузништво со сите земји од Европа и Алијансата, особено со нашите соседи и затоа сме посветени на градење добри соседски односи, кои се карактеризираат со пријателство, меѓусебна економска и трговска соработка, слободен проток на луѓе, стоки, идеи и капитал, на интеракција на народите и заедничко инвестирање во регионалниот развој. Грција нема потреба да стравува од Република Македонија, напротив Грција треба да е силно заинтересирана за наше членство во Алијансата и трајно обезбедување на овој дел од регионот, потенцира премиерот Груевски. Тоа, рече, го бараат нашите заеднички цели кои се идентични со оние на Алијанста да имаме цврсто ткиво, наместо празен простор во телото на НАТО и да можеме да се посветиме на понатамошно ширење на нашите идеи.
- Ние бевме силно повредени како нација, што во Букурешт на 12-от самит не ни беше овозможено да ја добиеме поканата за членство, иако ги исполнивме сите стандарди и критериуми кои се бараа од нас. Во духот на максимата за слободна дебата јас мислам дека тоа беше погрешно и неправедно кон нас и нашите заложби, но и кон принципите на модерниот свет. Оваа општа констатација беше потврдена и од највисокиот меѓународно тело кое обезбедува владеење на правото и правдата на кои е поставена и Алијансата. Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој е основан и од членките на НАТО, и е едно од 6 тела на Обединетите нации, подвлече македонскиот премиер.
|