25.01.2012, 14:15 Бизнис лидерите во Давос го заштитија капитализмот
Капитализмот навистина ја продлабочува нееднаквоста, но сепак е подобар од секоја друга алтернатива, нагласија директорите на водечките светски компании на 42. Светски економски форум во Давос, кој почна денеска, а ќе трае пет дена.
Оваа година атмосферата на Форумот, на кој учествуваат околу 2.600 бизнис и политички лидери, е помрачена од должничката криза во Европа и забавувањето на економскиот раст во земјите во развој.
- Капитализмот можеби е најлошиот систем, но само доколку не се сметаат сите други системи, посочи Дејвид Рубенстин, коосновач на меѓународниот инвестициски фонд „Карлајл груп“.
Раководителот на „Алкател Лусент“ Бен Вервајен изјави дека при спроведувањето реформи „не станува збор само за корпорациите и алчноста, туку и за донесувањето одлуки“. - Зошто на Европа и на нејзините лидери им беа потребни две години за да стигнат до заклучокот, кој и пред тоа го знаеја, дека треба да застанат на нозе, додаде тој.
- Банките сторија многу за да ги намалат крајностите, нагласи главниот извршен директор на Бенк оф Америка Брајан Мојнихан, додавајќи дека циклусите на растови и падови се дел од структурата на капитализмот.
Според други учесници во Форумот сепак тој процес не е неизбежен и владите треба да преземат поголема улога во регулирањето на начинот, на кој работат компаниите.
|