23.01.2012, 11:11 „Самоопределување“ ги прекина протестите
Приврзаниците на движењето „Самоопределување“ во текот на ноќта ги прекинаа протестите во близина на граничните премини Бела Земја и Мердаре, кои почнаа вчера околу 13 часот, со образложение дека косовската полиција оневозможила снабдување на демонстрантите со неопходните работи.
Протестот прво е завршен кај преминот Бела Земја, синоќа по 23 часот, а според соопштението на „Самоопределување“, одлуката за прекин на демонстрациите е донесена поради тоа што „полицијата го блокирала логистичкиот материјал што е неопходен за доборото на демонстрантите“.
Генералниот секретар на движењето „Самоопределување“ Дардан Молиќај изјави дека протестот е прекинат, бидејќи овојпат косовската полиција употребила специјална војна, прекинувајќи ја логистичката поддршка за демонстрантите, вклучувајќи достава на шатори, дрва за огрев, рефлектори и други неопходни работи.
„Самоопределување“ наведе и дека косовската полиција ги блокирала сите патишта кои водат до местата на протестите, со цел да ја блокира комуникацијата меѓу урбаните центри и луѓето кои протестираа.
Потпретседателот на движењето Шпенд Ахмети рече дека протестите ќе продолжат и во иднина, во други облици.
|