24.01.2012, 11:01 Трендо дигна сидро од Он.нет
„А сад, адио“, вели Трендо во своето писание до читателите на сајтот во кое објаснува дека „по долго и тешко размислување“, дошло време да се раздели од 12- годишното милениче
Заштитниот знак и идеен творец на популарниот сајт Он.нет, Сашо Мацановски- Трендо го напушти своето милениче. „А сад, адио“, вели Трендо во своето писание до читателите на сајтот во кое објаснува дека „по долго и тешко размислување“, дошло време да се раздели од 12- годишното милениче.
„Дигам сидро од овде. Ништо драматично. Едноставно, мислам дека во вакво корпоративно гнездо, работењето на ваков сајт ќе стане прилично незабавно. А не беше тоа финтата“, пишува Трендо во својата „оставка“.
„Да не упаднеме во патетика. Дајалап, бродбенд, не е битно. Беше извонредно забавно да се прави он.нет. Одлични 12 факинг години... Сега ми е малку криво што во меѓувреме мораше да се работат и други работи кои ме оддалечуваа од сајтот: две години правење на Бум ТВ, блог платформа со неверендинг кавги и меилови во кои блогери се кодошат меѓусебе, Зулу, рекламни кампањи, состаноци, тендери, свашта.
Што ми е најмногу криво? Што никогаш не го најдовме Ристе од Припор“, пишува Трендо, кој на крајот порачува: „На екипата која останува им посакувам се најдобро, на моиве од фамилија им ветувам дека нема да ги оставам гладни, а вам, дека се читаме наскоро, на некое пораат и понаше место.“ (К.Ш.)
|