24.01.2012, 15:55 „Јас љубам, Бог“ премиерно во МОБ
Во оваа монодрама, авторски проект на Милиана Ленак, таа настапува како актер и е потписник на режијата
„Јас љубам, Бог“ е насловот на најновата претстава на „Буден театар“, која утре вечер премиерно ќе биде изведена во 20,30 часот на малата сцена на МОБ, а која домашната публика имаше можност да ја види на минатогодишниот МОТ. Во оваа монодрама, авторски проект на Милиана Ленак, таа настапува како актер и е потписник на режијата. Сценариото е базирано на збирките „Хенри и Џун“, и „Инцест“, од едицијата нецензурирани дневници на Анаис Нин, под наслов „Дневник на љубовта“.
Концептуалниот пристап во градењето на претставата, се отсликува во начинот на кој е создаден звукот креиран од композиторот Виктор Гајтаноски. Музиката на претставата е креирана само од звук на машина за чукање и човечки глас, како паралела на двете основни форми кои ја одредуват Анаис, на писателката и љубовницата. Во нејзиното креирање имаат удел вокалите на Ана Христова, Сенко Велинов, Огнен Анастасовски, Кристина Леловац, Александар Стојанов-Зорин и Моира Ленак. Костимите се дело на Маја Димовска, а потписничка на кореографијата е Искра Шукарова. (К.Б.)
|