25.01.2012, 14:40 Почна крводарителската акција во чест на Тоше
По повод 31 година од раѓањето на големиот хуманист Тоше Проески, од 10 до 18 часот денеска во Домот на АРМ има крводарителска акција, која ја организира Црвениот крст на Град Скопје во соработка со „Тоше фан клуб форум“
- Со реализирање на акцијата почнавме на време. Досега се собрани сто единици и денеска очекуваме многу дарители, рече д-р Елена Ристовска од Институтот за тансфузиона медицина - Скопје.
Таа информира дека сите кои се во добра здравствена состојба, кои немаат хронични заболувања и терапии да дојдат и да даруваат крв. - Тие се привилегирани и можат да им помогнат на останатите кои се болни и на кои им е потребна крв бидејќи таа е единствен лек за болните и повредените, рече Ристовска.
Сите кои се чувствуваат здраво и сакаат да даруваат крв, прво ќе бидат прегледани од доктор. Нема ограничување, лицата можат да земат лесен оброк пред или по дарувањето крв и може да пијат течности.
Ристовска објасни дека целиот процес на дарување крв трае од пет до десет минути, не е болен, трауматичен и додаде оти нема потреба лицата да имаат аверзија од тој процес. Таа апелираше сите што можат и сакаат да даруваат крв бидејќи има недостатоци од крв и крвни деривати.
Според неа, попладне се очекуваат повеќе крводарители, главно студенти и средношколци.
Д-р Реџеп Љусјани од Црвениот крст на Град Скопје изјави дека во текот на денот очекувата голем одѕив, односно околу 200 дарители.
На оваа акција, како што рече, има од сите возрасни групи, но претежно се млади. Тој додаде дека крводарителските акции во чест на Тоше Проески се традиционални, се одржуваат на 25 јануари и на 5 октомври, на неговиот последен концерт во живо.
Иван Георгиевски од „Тоше фан клуб форум“ изјави дека втора година како организираат крводарителска акција на 25 јануари или по повод роденденот на Тоше.
- Поддржани сме од Фондацијата „Тоше Проески“ и имаме соработка со Црвениот крст на Град Скопје. Лани имаше околу 200 крводарители. Очекуваме годинава дека ќе има приближно толку или повеќе дарувања, рече Георгиевски и порача сите да ја слушаат музиката на Тоше Проески, да го следат неговиот пат и да бидат хумани.
На крводарителската акција лицата доаѓаат постојано, сами или во групи. Има млади и повозрасни, кои се редовни дарители, а има и лица кои првпат даруваат крв.
Од орагнизаторите информираат дека доколку има заинтересирани, акцијата нема да заврши точно во 18 часот.
Во оваа акција Млекарница АД Битола донираше 200 литри млеко. Секој дарител покрај појадокот ќе добие и по еден литар трајно млеко.
|