24.01.2012, 14:28 Охрид и годинава не беше кандидат за „Град на културата“
„Изборот не се врши според понудените програми, туку според политички одлуки“, вели портпаролот на општината Симон Илиевски
Охрид - Охридската локална самоуправа и оваа година не испрати своја програма на конкурсот кој го објави Министерството за култура затоа што, според нив, „изборот не се врши според понудените програми, туку според политички одлуки“.
Принципиелен став, или пак мудроста е заменета со инает, несакање, или незнаење, особено што пред две години општината се пријавила на конкурсот, дури откако бил завршен. Или можеби во прашање е мајтапење, но тоа не треба да се прави во името на граѓаните. Ако некој навистина е опструиран, и не само со оваа туку и со други релации со централната власт, тогаш најмалку што треба да направи е да замине и да не го држи градот со години во заложништво.
Кочани е градот што е избран годинава за Град на културата, манифестација која по деветти пат ја организира Министерството за култура, додека сагата за Охрид се повторува веќе со години. Досегашни домаќини на ова случување беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци и Гевгелија.
Симон Илиевски, портпаролот на општина Охрид, во изјава за Инпрес, вели дека богатите и интересни програми не биле доволни и пресудни за комисијата да ги носи одлуките.
„На седум изминати конкурси Охрид аплицираше со богати и интересни културни програми, но сепак не доби прилика да ја организира оваа престижна културна манифестација. Од тоа може да се изведе заклучок дека изборот не се врши според понудените програми, туку според политички одлуки. Токму поради тоа, исто како и претходната година, општината одлучи да не се кандидира за „Град на културата за 2012 година“, вели Илиевски. За тоа дали Охрид за наредните години планира да конкурира за град на културата, од Општината велат дека засега ставот останува непроменет.
Од Министерството за култура посочуваат дека на конкурсот можеа да учествуваат сите единици на локалната самоуправа во Македонија, а поднесените програми ги оценува стручна комисија. „Основен критериум по кој се раководи комисијата при разгледувањето на пријавите е понудените програми да содржат препознатлива културна и историска традиција, како и презентација на актуелните културни вредности, велат од Министерството. (В.М)
|