26.01.2012, 14:08 Груевски: Владата прави се да ја ублажи должничката криза
Владата прави се што е во нејзина моќ за колку што е можно да го ублажи бранот кој доаѓа од Европската унија каде што се извезуваат 60 отсто од нашите производи, а дополнително 30 отсто се извезуваат во државите во регионот кои исто така се директно поврзани како извозници со Унијата, рече премиерот Никола Груевски одговоарајќи на прашање на пратеникот Влатко Ѓорчев за економските состојби во државата и мерките што ги презема Владата.
- Важно е во овие тешки времиња да се забележи дека во време кога повеќе држави во ЕУ се соочуваат со сериозни тешкотии поради висината на долгот, Република Македонија во однос на сопствениот долг се наоѓа во безбедна позиција. Имаме низок долг од 26,3 отсто, кој гарантира една комоција во однос на враќањето и ја сместува во земјите со низок надворешен јавен долг, истакна Груевски.
Во овој период, како што нагласи, и покрај сите проблеми во 2011 година што се јавија во ЕУ, должничката криза, Владата успеа да опстои на претходно утврдениот буџетски дефицит кој беше предвиден да не биде повисок од 2,5 проценти.
- Годината ја завршивме со 2,5 отсто буџетски дефицит, онака како што беше зацртано. Не само што имаме низок јавен долг од 26,3 отсто, туку имаме и ниско тековно задолжување, односно едно од пониските во Европа, кое го задржавме дури и за време на најтешките години на светската економска криза. Во 2009 година кога тековните задолжувања, односно буџетскиот дефицит во многу земји беше над 4-5, а некаде и 7-8 и повеќе од 10 проценти, Македонија најмногу што отиде беше до 2,7 отсто, за во 2010 да го намали на 2,5 проценти, додаде претседателот на Владата.
Според комуникацијата со Централната банка, тој информира дека денарот е стабилен и оти историски гледано имаме едни од највисоките девизни резерви.
Невработеноста која кон крајот на 2005 година достигна 37 проценти до сега е 31,2 што значи за околу шест проценти е намалена, дури намалена е и во однос на лани. - Во септември 2011 година невработеноста е 31,2 проценти и во однос на септември 2010 има половина процент намалување. Не го нагласувам ова за да кажам дека преголемо е намалувањето, туку за да го покажам трендот на намалување на невработеноста, а не како што беше трендот во Европа каде невработеноста се придвижуваше нагоре, рече Груевски потсетувајќи дека во однос на 2005 година намалувањето е за шест проценти.
Тој информира дека Владата презема и други мерки кои, како што кажа, во овие тешки времиња ќе им помогнат на граѓаните кои не се однесуваат директно на економијата, туку се однесуваат на стандардот како што е доаѓањето до најважните нешта на граѓаните. Едно од тие нешта е проектот „Купи куќа-купи стан“ со кој ќе овозможи со субвенционирани камати и со други поволности граѓаните да може да дојдат до купување или изградба на куќа или купување стан.
- Стабилно е и исполнувањето на субвенциите на земјоделството во 2011 година, во однос на 2012 година имаме предвидено 130 милиони евра за субвенционирање, така беше планот и претходно и покрај должничката криза во Европа и рецесиската клима и одредени ралативни тенденции што таму се одвиваат и кои се рефлектираат и во Македонија. Ние останавме на она што претходно го имавме зацртано, а тоа е да се искористат 130 милиони евра за македонските земјоделци, подвлече премиерот.
|