23.01.2012, 13:12 ЕП расправа за Предлог резолуцијата за Македонија
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент попладнево ќе ги разгледа амандманите по предлог резолуцијата за напредокот на Македонија, претставена пред еден месец од британскиот европратеник и известувач за земјата Ричар Ховит.
Европратениците имаат предложено 164 амандмани, од кои некои ќе бидат преточени во компромисни амандмани, што е обичај во работата на Европарламентот. Од предложениот текст на резолуцијата сигурно е дека ќе остане повикот до Советот на ЕУ за започнување на преговорите со Македонија, бидејќи за ова постои широка поддршка не само во Комисијата, туку и во целокупниот Европски парламент.
Британецот Чарлс Танок, во својот амандман смета дека „кредибилноста на процесот на проширување на ЕУ, ќе биде компромитирана од постојаното одложување на преговорите за членство“.
Мариа Елени Копа, го поддржува тоа, но подвлекува дека е потребно истовремено да се изнајде заедничко прифатливо решение за името. Во тој контекст поднесувачот на резолуцијата, Ховит ја надополнува истата и бара Советот на ЕУ во март, а НАТО на самитот во Чикаго во мај, да ја искористат можноста која им се пружа за да и дозволат на земјата да направи нов напредок во евро-атлантските процеси.
Постојат и повеќе амандмани околу тоа како да се формулира ставот на ЕП по одлуката на судот од Хаг. Марије Корнелисен и Улрике Луначек од групата на Зелените и Европската слободна алијанса, во предложените амандмани го поздравува предлогот на грчката Влада за сложено име и веруваат дека „тоа е основа за решение на проблемот со името, но под услов македонскиот идентитет, култура, националност и јазик да не бидат ставени во прашање.“ Тие на неколку пати се служат со придавката македонски, додека нивниот колега - социјалист од Шведска, Горан Фарм и во еден амандман Ана Ибрисагиќ, Моника Маковеј, Дан Преда и Едуар Кукан го употребуваат само името Македонија.
Јелко Кацин и уште неколку други европратеници предлагаат измени на резолуцијата во делот за слободата на печатот. Андреј Ковачев од Бугарија и Мариета Јанаку од Грција, на кои им се приклучи и Ѓорги Шопфлин од Унгарија, бараат „добрососедските односи да бидат суштински елемент во процесот на поширувањето“. Тие ја подвлекуваат и важноста на потезите за да се избегнат контаверзни акции и изјави кои ќе имаат негативни последици врз нив.
Ковачев вели, „жали што не може слободно да се изрази бугарскиот идентитет во Македонија, и е разочаран што не е направено ништо за заедничко одбележување на заеднички историски настани и личности со соседите членки на ЕУ“. Тој го охрабрува создавањето на мешани комисии за изучување на историјата исто како неговиот сонародник Евгени Кирилов. Ова според нив е „во духот на добрососедството и со признавање на процесот на создавање на македонскиот идентитет“... Барања и ставови веќе видени во претходните резолуции на ЕП, но кои не беа ставени во текстот на Хауит.
Има повеќе амандмани кои се однесуваат на формулацијата „билатералните проблеми“ да не бидат пречка во процесот на зачленување во ЕУ, ниту да служат за негово блокирање, а грчката европратеничка Мариета Јанаку, на пример бара бришење на овај параграф.
Најнегативен став во амандманите изразува холандскиот европратеник Бари Мадленер, евроскептик и противник на проширувањето, кој бара од Советот на ЕУ да не и дава на Македонија датум за почеток на преговорите.
|