17.01.2012, 14:47 Поставен камен-темелник на плоштадот „Скендербег“
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети и градоначалниците на Чаир, Изет Меџити и на Тирана, Лулзим Баша денеска поставија камен-темелник на плоштадот „Скендербег“.
- На овој ден поставивме камен-темелник на плоштадот „Скендербег“ под покровителство на градоначалникот на Чаир Изет Меџити и со инвестиции од страна на Владата на Република Македонија, рече Ахмети, додавајќи дека токму денеска се одбележува 544-годишнината од смртта на албанскиот принц Скендербег, 30-годишнината од убиствата на Јусуф и Бардош Гервала и Кадри Зека и 30-годишнината од Народното движење на Косово.
Знамето и Скендербег се два амблеми кои, како што рече Ахмети, ни го одржуваа духот жив 544 години.
Градоначалникот на Тирана Лулзим Баша изјави дека денешниот ден е од големо значење за сите Албанци, без разлика каде и да живеат.
- Скендербег ги обедини Албанците засекогаш. Како еден од најголемите генерали на Европа, стратег кој со мала војска успеа да ја победи една од најголемите сили на времето и да ја осигура слободата на неговиот народ. Подоцна ја одржуваше жива надежта на Албанците и стана симбол на албанската обнова и денеска ги обединува Албанците каде и да се, истакна Баша.
Според него, овој ден има големо значење, посебно за 100-годишнината на Денот на знамето и на независноста.
Тој им се заблагодари на ДУИ и на Али Ахмети за, како што рече, нивната ориентираност кон националните интереси на Албанците и кон интеграцијата на земјата во Европа.
На настанот присуствуваше и вицепремиерот за спроведување на Охридскиот рамковен договор Муса Џафери, кој е и претседател на Одборот за организација на манифестацијата за 100-годишнината на Денот на знамето, претставници од Владата, од Парламентот, членови на ДУИ.
|