17.01.2012, 13:28 Грција на нов финансиски рентген
Грчката програма за штедење повторно е ставена пред испит. Таканаречената „Тројка“, составена од експерти од ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, повторно под лупа ги ставаат мерките на грчката влада, пред да одлучи дали дополнителни милијарди помош ќе протечат кон Атина. Меѓународните финансиски експерти не бараат само нови даночни мерки, туку и пошироки реформи на грчкиот пазар на труд.
Една минимална цел е постигната. Во 2011-та година буџетскиот дефицит се одржа на 9,6 проценти од бруто општествениот производ и со тоа за првпат е под психолошки значајната точка од 10 проценти.
Грција мора да спроведе мерки за штедење во висина од 1,5 милијарди евра. За тоа треба „Тројката“ да разговара со грчката влада. Експертите од ЕУ, ММФ и ЕЦБ се сигурни дека веќе не може да се заштеди на пензионерите и вработените со мали примања. Наместо тоа, финансиските експерти бараат структурни реформи на пазарот на труд, за да се намалат трошоците за плата и да се стимулира конкурентноста на грчката економија.
Дополнителните мерки можат да се однесуваат на законскиот минимален личен доход, како и за загарантираните додатоци за Божиќ и одмор, објаснува адвокатот и професор по трудово право на Атинскиот универзитет Јанис Ликсуриотис, кој смета и дека тие сектори во сегашната економска ситуација не се доволни.
„Со замрзнувањето на платите и намалувањето на божиќниот додаток работата сама по себе не е решена. Партнерите во преговорите мораат да седнат на маса и да преговараат за подлабоки структурни реформи на пазарот на труд. Не може да биде прифатливо да се одредува единствен договор за висината на сите плати и приходи на ниво на целата земја, без да се земе во предвид развојот на продуктивноста во поединечни бранши и претпријатија. Затоа е потребна поголема флексибилност. Многу луѓе денес ја губат работата поради тоа што нивниот работодавач не е овластен да им даде нови задачи или ново работно место. Ова не може да продолжи вака“, нагласува професорот Ликсуриотис.
Синдикатите прифаќаат да разговараат само за намалување на дополнителните трошоци за плати. Владата под раководство на поранешниот шеф на централната банка Лукас Пападимос соопшти дека законски ќе пропише оти платите остануваат на истото ниво поради инфлацијата, ако партнерите во преговорите доброволно не се договорат. Освен тоа, портпаролот на владата Пантелис Капсис отиде во детали објаснувајќи дека најниската плата во Грција е многу повисока од онаа во Шпанија.
„Владата ја користи ’Тројката’ како алиби за сопствената неспособност. Грчкиот проблем пред се’ е грчки проблем, а не европски, како што често се претставува, но многу политичари тоа не сакаат така да го видат“, оценува професорот Ликсуриотис.
Додека некои тврдат дека грчката влада нема волја или не е способна соодветно да го имплементира рецептот на „Тројката“, други веруваат дека пакетот за штедење веќе е осуден на пропаст. Причината е што радикалните мерки за штедење ќе направат застој во грчката економија. Меѓу скептиците е Јанис Вароуфакис, професор по економија на Универзитетот во Атина. (Дојче веле)
|