17.01.2012, 12:49 Во Турција поставен НАТО радар, Техеран се противи
Во источна Турција е поставен радарски систем во рамки на одбранбениот радарски штит на НАТО, што треба да се инсталира во неколку земји на Алијансата.
Радарот за рано предупредување на опасност за Алијансата е поставен во базата Куреџак, во провинцијата Малатија, на југоисток на земјата, откриваат турските медиуми, повикувајќи се на доверливи извори.
Во базата „веќе пристигна помал број американски војници“, бидејќи Турција се уште нема квалификувани стручњаци за користење на овој систем. Базата, меѓутоа, е под команда на турски офицери, тврдат истите извори од Анкара.
Американскиот секретар за одбрана Леон Панета ја поздрави одлуката на Турција да го прифати радарот, бидејќи тоа е „ важно во ова критично време“, пренесе Си Ен Ен.
Турција, покрај Португалија, Шпанија, Полска и Романија, се согласи да биде домаќин на ракетниот одбранбен систем на своја територија. Преговори се водат и со Бугарија и со уште некои земји.
Иран се противи на инсталирањето на радарскиот систем на НАТО во Турција бидејќи тоа го доживува како закана за својата безбедност.
- Тоа не е добро за која било исламска земја, изјави минатата недела во Анкара претседателот на иранскиот парламент Али Лариџани, кој додаде дека сепак „ и верува на Турција“.
Во Анкара уверуваат дека системот не е насочен против ниту една земја и дека е тој дел од одбранбениот систем на НАТО од надворешни напади.
|