16.01.2012, 17:53 Поларен студ ја приклешти Битола
Вчераутро температурата се спушти до минус 22 Целзиусови степени. Сибирските температури ги оставија битолските улици речиси празни. Битолчани останаа дома, особено децата и повозрасните лица.
Битола - Поларен студ ја приклешти Битола. Вчераутро температурата се спушти до минус 22 Целзиусови степени. Сибирските температури ги оставија битолските улици речиси празни. Битолчани останаа дома, особено децата и повозрасните лица.
„Обврските се одлагаат за подобри времиња“, велат битолчани. Реката Драгор замрзна, а под мраз се најголем дел од градските улици. Ретко кој од возачите се обидува да го стартува својот автомобил. Затоа, пак, таксистите имаат полни раце работа. Такси вчера се чекаше и до половина час.
„Толку е студено што ни замрзнаа клепките од очите, уста не се отвора, ми се чини забите ќе ми попаѓаат како на цртаните филмови. Ама, ако е за утеха, и во 2006 година беше вака, дури и поладно. Сме имале студ до минус 40 Целзиусови степени, па издржавме. Битолчани се навикнати на изгор лето и кочан зима, ако песната се пее за Скопје“, вели битолчанката Нада Бошевска, која покрај студот беше да пазари во „Веро“.
��ителите на битолски Баир, пак, кога ќе стегне студот по навика над чевлите ставаат волнени чорапи. Така и вчера се обидоа да се симнат до градот.
„Си ставаме чорапи на чевлите за да не си ја скршиме главата од мразот“, вели Расим Рамадановски, ситен трговец, кој и вчера се обиде да ја постави својата картонска тезга со текстил и да заработи за живот.
Трговците на битолскиот зелен пазар вчера се броеја на прсти. Иако најголем дел од производите им беа замрзнати, тие, сепак, се обидоа да профитираат на студот. Брокулата ја продаваа по 180 денари за килограм, морковите по 50 денари, зелката 30, а портокалите кои вообичаено ги продаваат по 3 килограми за 100 денари, сега за истите пари даваат половина килограм помалку.
„Воопшто не е скапа брокулата, дојди ти седи на овој студ, па ќе те видам колку ќе ја продаваш“, возвраќаа продавачите на коментарите на купувачите.
Но, за разлика од годините наназад кога студот и деновите со поларни температури подразбираа и проблеми во патниот сообраќај, проблеми во снабдувањето со струја и вода, битолчани вчера, за среќа тоа не го искусија. Сепак, на голем дел од битолските семејства, особено оние што живеат во куќи, ноќта им замрзнаа цевките за вода, па така вчера беа пред вистински предизвик да ја одмрзнат водата. Од ЈП „Водовод“ велат дека потрошувачката на вода е речиси иста како во лето, бидејќи славините се оставаат да течат постојано за да не замрзне водата. Вчера вода се трошеше и до 530 литри во секунда.
„Потрошувачката е зголемена, и тоа за 20 проценти. Но, немаме проблеми со водоснабдувањето. Доколку се јават дефекти, веднаш ги решаваме. Системот одлично функционира за овие временски услови“, вели Зоран Илиоски, директор на ЈП „Водовод“ од Битола.
И покрај поскапувањето на струјата, вчера битолчани не штедеа на високите сметки. Електричните печки се полнеа и на скапата тарифа. На поларни температури вчера непречено се работеше и во РЕК Битола. Вработените во копот „Суводол“ изутрината кога отишле на работа измериле температура од 25 Целзиусови степени под нулата. (А.Б.) |