17.01.2012, 13:25 Ноќеска и утре повремени врнежи од снег
Според временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи во текот на ноќта и утре во земјава ќе има повремени врнежи од снег. Под влијание на многу студена маса од северните подрачја од Европа следува период на многу студено време со повремен локален снег. Утринските температури наместа ќе се спуштаат до -19, а дневните во повеќе места ќе бидат под нулата. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Центарот за управување со кризи соопшти дека ги известил сите субјекти кои се дел од Системот за управување со кризи, со цел навремено реагирање во случај на одредени настани како завеани патишта, сообраќајни несреќи, непристапни терени и други, како последица од снежните врнежи и студеното време.
Им се препорачува на граѓаните, во овие неколку дена да избегнуваат движење во планинските предели и внимателно да возат, особено на патните правци низ клисурите и планинските превои каде има почеста појава на ситни одрони од карпи.
Центарот за управување со кризи апелира до сите граѓани, особено до оние кои живеат во населени места околу планинските предели, доколку забележат какви било појави кои претставуваат опасност, да пријават на бесплатниот телефонски број 195 кој е во служба на граѓаните 24 часа, со цел навремено реагирање од страна на надлежните служби во справување со настанатата ситуација.
|