19.01.2012, 11:48 Се топи поддршката за законите против пиратеријата, СОПА и ПИПА
Контроверзните американски закони за борба против пиратеријата, познати под кратенките СОПА и ПИПА, ја изгубија поддршката на осум членови на Конгресот по големиот протест на Интернет заедницата, јавува денеска Би-Би-Си
Покрај останатите, поддршката ја повлекоа Марко Рубио од Флорида од Републиканската партија и неговиот партиски колега Рој Блант од Мисури.
Пипа, Законот за заштита на интелектуалната сопственост (Protect Intellectual Property Act), имаше големи шанси да биде усвоен во Сенатот, но сега тоа е неизвесно откако Рубио и Блант соопштија дека веќе не стојат зад него.
Сенатот претходно најави дека гласањето за тој закон ќе почне на 24 јануари, додека Претставничкиот дом соопшти дека во февруари ќе го продолжи разгледувањето на Сопе, Законот за стопирање на онлајн пиратеријата (Stop online piracy Act).
Но, двата закона вчера се соочија со жестока осуда на Интернет заедницата, која смета дека заштитата на авторските права и интелектуална сопственост кријат цензура и оти примената на овие закони драстично ќе ја изменат природата на Интернетот.
Бесплатната енциклопедија Википедија на 24 часа ги блокираше своите страници на англиски јазик, а слично постапија и блог сервисот Вордпрес и сервисот за вести Reddit. Веб пребарувачот Гугл ги повика корисниците да се спротистават на цензурата, а Фајрфокс својата насловна страница ја обои во црно, а преку својата маскота - лисицата, стави црна лента.
На протестот му се приклучија повеќе од 7.000 сајтови.
|