19.01.2012, 22:08 Одиме во Белград!
Ракометнaта репрезентација на Македонија избори пласман во втората фаза на Еуро 2012, откако вечерва, во пеколната атмосфера, во нишкиот „Чаир“, ја победи Чешка со 27:21 (12:12)
Натпреварот кој значеше опстанок за една од репрезентациите на Европското првенство, Македонија го одигра на исклучително високо ниво, покажувајќи уште еднаш дека заслужува место меѓу најдобрите 12 селекции на 10-то ЕП.
Одбраната уште еднаш беше клуч на победата на „црвено-жолтите“, но овој пат избраниците на Шундовски одиграа многу поквалитетно и во нападот, каде покрај Лазаров, изворедни партии пружија Миркуловски, Темелков и Мојсоски.
Вистинска ракометна војна се водеше во првото полувреме, во кое ниту една од репрезентациите не успеја да создаде предност поголема од еден гол.
Стартот на второто полувреме беше клуно за конечниот победник, Македонија во првите десет минути со сериите од 3:0 и 4:1, создаде предност од три гола, која не ја испушти до самиот крај.
Во последните 20 минути, носени од фантастичната публика, нашите ракометари рутински ја сочуваа предноста и со оглед на изданијата против Шведска и Германија, апсолутно заслужено ќе патуваат во Белград.
Капитенот Лазаров одново беше предводник на нашито тим, тој постигна 7 гола, Миркуловски даде 5, Темелков 4, Мојсоски 3 гола. Одличен на голот на Македонија беше Борко Ристовски со 10 одбрани. Кај Чешка најпрецизни беа Јиха и Хорак со по 5 гола.
Македонија во втората фаза ќе пренесе еден бод, од Б групата, Германија ќе патува за Белград со четири бода, а Шведска исто како и Македонија носи еден бод.
Првиот натпревар во втората фаза Македонија ќе го одигра во сабота против домаќинот на првенството Србија. |