15.01.2012, 22:21 Испуштивме победа, но освоивме голем бод!
Македонската машка ракометна репрезентација со нерешен резулат (26:26) вечерва го заврши натпреварот против селекцијата на Шведска на стартот на Европското првенство во Србија
Најефикасни во македонскиот состав беа левото крило Стевче Алушевски и капитенот Кире Лазаров кои постигнаа по седум гола, додека во шведскиот состав најефикасен беше Ким Андерсон.
Македонските ракометари го завршија првото полувреме со еден поен разлика за шведската репрезентација. Во текот на целиот напревар резултатот се менуваше на страната на двете селекции, а македонските ракометари во последните минути ја надометија негативата од четири гола разлика и го завршија напреварот изедначено.
Натпреварот во салата „Чаир“ во Ниш го следеа повеќе од 4.000 македонски навивачи, а некои и од фан зоната.
Првата фаза од ЕП во групата Б, македонските ракометари ќе ја одиграат во Ниш. Во оваа фаза ќе се сретнат и со репрезентацијата на Германија во вторник во 18 часот и 15 минути, а во 20 часот и 15 минути во четврток со чешката екипа.
Понатамошен пласман обезбедуваат првите три екипи од групата, а доколку Македонија се пласира во вториот круг ќе вкрсти со селекциите од групата А, каде се Србија, Полска, Данска и Словачка.
Европското првенство за мажи-2012 година е десетти европски шампионат во ракомет. Првенството во Србија почна денеска и ќе трае до 29 јануари во Белград, Вршац, Ниш и Нови Сад. На ЕП 2012 година учествуваат 16 европски селекции.
Избраниците на селекторот Ѕвонко Шундовски пред заминувањето во Ниш изјавија дека се максимално подготвени и мотивирани за стартот на големото натпреварување.
На Светското првенство кое во 2009 година се одигра во Хрватска, македонските ракометари го завршија на 11-то место. Актуелен светски и европски шампион во ракомет е репрезентацијата на Франција.
|