17.01.2012, 12:36 Илиевска и Арсовски задоволни од настапите на „Париз опен“
Македонските каратисти Наташа Илиевска и Жарко Арсовски по враќањето од најсилниот светски карате турнир „Париз опен“ каде освоија златен и бронзен медал изјавија дека се задоволни од настапот и оти нивните очекувања се исполниле.
Годинава на турнирот учествуваа 62 држави и 820 сениори. Од Македонија заминаа 16 спортисти, но само Наташа и Жарко, спортисти од карате-клубот „Метропол“ успеаjа да освојат медал.
За Илиевска, која има освоено 116 медали, овој медал претставува еден од најдрагоцените.
- Ако 113-от медал беше освоен на Европското првенство во Цирих и беше со златен сјај, овој медал иако не е златен, за мене е многу драг, бидејќи единствено тој ми недостигаше во мојата колекција за да можам да кажам дека се што постоеше успеав да го освојам, изјави Илиевска која потенцираше дека била оштетена поради тоа што финалето во нејзина категорија и било одземено.
Жарко Арсовски рече дека бил единствениот македонски каратист кој до сега успеал да има две финалиња на парискиот турнир.
- Во 2010 година првпат успеав да влезам во финалето, но морав да се задоволам само со среброто. Сега не сакав да д��зволам да го пропуштам златниот медал, навистина го посакував и успеав да го земам од рацете на моите 70 конкуренти кои настапија во тешка категорија, истакна Арсовски.
Тренерот и селектор на македонската репрезентација Бошко Заборски изјави дека „Париз опен“ е неофицијално светско првенство во карате спортот и оти е задоволен од настапот на каратистите.
Следниов викенд, Жарко Арсовски и поголемиот дел од кадетско–јуниорскиот состав на „Макпетрол“ ќе учествува на интернационалниот турнир „Кроација опен“ во Самобор. Тој ќе настапи во апсолутна категорија и ќе се обиде да ја освои наградата од 2.000 евра која е предвидена за спортистот кој ќе го освои првото место.
|