17.01.2012, 12:32 Стоилов: Германија е како „ранет лав“
Новиот противник во групата во Ниш, е европски шампион од 2004 година, а воедно за Германиците тоа е и последниот медал од европските првенства
По освоениот бод со Шведска македонската ракометна репрезентација денеска ја очекува уште еден голем ривал – Германија. Новиот противник во групата во Ниш, е европски шампион од 2004 година, а воедно за Германиците тоа е и последниот медал од европските првенства.
- Нема да биде лесно, го загубија првиот натпревар во групата од Чешка. Тие се како „ранет лав“. Добро ја знаеме Германија, сите се играчи во Бундес лигата. Не очекува уште еден тежок натпревар. Тоа што можеме да ветиме е дека исто како на првиот дуел со Шведска ќе се бориме до последниот атом на силата, истакна Стојанче Стоилов, стрелец на три голови против Шведска.
Натпреварот Македонија – Германија почнува во 18:15 часот, а како дел од денешните случувања во Ниш е најавената посета на првите луѓе на Европската ракометна федерација (ЕХФ) Тор Лиам – претседател и Михаел Видерер – генерален секретар.
Во вториот натпревар од групата од 20:15 часот играат Шведска и Чешка.
|