23.01.2012, 21:12 Македонските ватерполисти поразени од Холандија
Македонската ватерполо репрезентација вечерва во Ајндховен е поразена од Холандија со 10:8 во натпревар од последното петто коло во групата А
Македонските ватерполисти добро го отворија мечот и првата четвртина ја добија со 4:2. Избраниците на селекторот Игор Гочанин водеа и со 6:4, но домаќините на еврошампионатот со серија од 3:0 поведоа со 7:6 на истекот од третиот период. Последната четвртина не донесе поволен резултат за нашата репрезентација која на крајот изгуби со 10:8.
По овој пораз Македонија не успеа да се избори за олимписките квалификации и и преостанува да се бори за пласман од 9-тото до 12-тото место.
Во оваа група вечерва се игра последниот натпревар со кој ќе се комплетира 5.коло, а во него се среќаваат Италија и Грција.
Унгарија со високи 22:2 ја победи Турција во попладневниот дуел и ја оствари максималната петта победа во групата со што го освои првото место.
Табела „А“ група: Унгарија 15 бодови, Грција 9 (натпревар помалку), Италија 9 (натпревар помалку), Холандија 6, Македонија 3 и Турција 0.
Резултати од 5.коло во групата „Б“: Хрватска - Шпанија 11:10, Србија - Црна Гора 7:11 и Романија - Германија 9:10.
Табела „Б“ група: Србија 12 бодови, Црна Гора 10, Германија 9, Хрватска 9, Шпанија 4 и Романија 0.
|